Сведоци сме на драматично тешки времиња за граѓаните и за Македонија. Најголемата закана по сигурноста и секојдневието на семејствата е токму растечката инфлација, ценовните шокови кои се случуваат на дневно ниво. Бензините кои пораснаа за двојно повеќе, струјата која повторно и одново ќе ја покачуваат. Растечките цени на сите производи по маркетите. Паричниците на семејствата се празни, исто како што се намалува драматично и куповната моќ на населението. И она што фрапира во целата оваа криза е отсуството на слух од страна на владата на СДСМ и ДУИ. Тие ги одбија нашите предлози во Собранието владата да се откаже од дел од акцизата на горивата и да ја примени повластената ставка на ДДВ за дел од производите во маркетите. И денес секој еден човек кој реди гориво по бензинските, и купува скапа храна по маркетите треба да знае дека за тоа е виновна оваа влада на СДСМ и ДУИ, ова денеска преку прес-конференција го истакна Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Неспособноста на власта на СДСМ и ДУИ да менаџира со целата криза преставува најголемата закана за сигурноста на секое семејство во Македонија. И во вакви едни околности на власта на СДСМ и ДУИ и треба дефокусирање на вниманието од животот во ценовни шокови и енормна инфлација и зголемена сиромаштија. И затоа во моментот се случуваат два паралелни процеси. Едниот е посипување на лаги, наметнување на систем на лажни обвинувања, сеење на пердуви кон опозицијата, кон ВМРО-ДПМНЕ и мене лично, а целта на сето ова е јавноста да се занимава со лагите наместо со ценовните шокови и катастрофата во којашто живееме. И за оваа цел власта тоа го прави директно, а и индиректно преку разни спотери, нејзини полуги и платени механизми. Тука главната цел сум јас лично и ВМРО-ДПМНЕ. Јас нема да бркам лажни пердуви, да се борам со нивните лаги затоа што тоа го прават цели 5 години, и јавноста добро може да процени против што се борам и која е намената на таквите постапки. И кога државата ми пропаѓа немам намера да губам време за нивните спинови и измислици. Вториот процес е дефокусирање на јавноста преку судски процеси и политички прогон како што го гледаме преку случајот Талир 2. И тука да бидеме на чисто, мојот став и понатаму е и родената сестра ако се огреши пред законот треба да одговара, но не преку политички монтирани процеси и окторирани и партизирани обвинители и судии. И немам дилеми дека треба да има апсолутна правда, безусловно почитување на законите и Уставот. Но, сето тоа треба да биде низ правна процедура, вели Мицкоски.
Тој додава дека сакам да ја искористам оваа можност ги пренесам до јавноста правните факти за случајот Талир 2 кој за жал нити обвинителството, а нити партизираното и корумпирано судство и судија ги земаа во предвид.
- Самата објава на оваа пресуда наликуваше на се освен на она што треба да биде, а тоа е процесно дејствие. Истата наликуваше на ПОЛИТИЧКИ ПРОЦЕС во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите. После завршните зборови, веднаш следниот ден, дури и не можеа да ги прочитаат стенограмите од завршните зборови, пресудата беше веќе напишана и следеше само да биде соопштена на јавноста.
- Истечен е рокот за да се води било каква постапка за овој предмет. Овој кривичен предмет на почетокот мора да напоменеме дека е поднесен незаконито од неовластен тужител, надвор од рокот од 18 месеци, од страна на сега осуденета со правосилна пресуда за рекет, поранешната СЈО Катица Јанева, односно обвинението е поднесено по истек на 16 месеци од овој рок. За ваквите процесни дејствија Врховниот суд веќе има заземено став дека истите се незаконити и практично водени од неовластен тужител.
- ВМРО-ДПМНЕ во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без да при тоа се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка. Дури и во 1949 кога политички се отсекувале глави на политички неистомисленици и со еден или два сведоци се испраќале на Голи Оток или затворите на поранешната држава имало можност да биде сослушано лицето и странката. Во случајот воопшто не бевме сослушани, немавме право да си го кажеме нашето мислење и аргументи.
- Кривичниот суд надвор од негови надлежности поништи Договор кој ВМРО-ДПМНЕ го склучила со правното лице АД Бетон Скопје, при што го конфискуваше исклучиво делот кој е сопственост на партијата. Во најмала рака е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван.
- Уште една нелогичност е дека предмет на конфискација е исклучиво објектот сопственост на партијата, а не и земјиштето на кое објектот е изграден.
- ВМРО-ДПМНЕ на предметната локација имаше објект познат помеѓу своите членови и граѓаните во Македонија како „Жолтата зграда“ кој за никого не е спорно дека припаѓаше на партијата. Се поставува прашањето што со тој објект? Со ваквата пресуда ВМРО-ДПМНЕ е двапати незаконито оштетен, еднаш за новиот објект и еднаш за стариот објект неспорен за никого дека припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ.
- Иако во вештиот наод на одбраната во оваа постапка се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ во предметниот период имала и други приходи од членарини и од буџетот кои биле доволни за да се купат останатите партиски простории лоцирани низ Македонија, судот по барање на обвинителството без да обезбеди супер вештачење донесе одлука за конфискација на истите. И повторно сакам да потенцирам да биде запишано и јасно. ВМРО ДПМНЕ НЕ Е ИМОТОТ НА ПАРТИЈАТА, ВМРО ДПМНЕ Е НАРОДОТ МАКЕДОНСКИ, ГРАЃАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, И ЗАТОА ОВАА КОНСТРУКЦИЈА НЕМА ДА ЈА ОСТВАРИ ЦЕЛТА ЗА КОЈА ШТО Е ИЗМИСЛЕНА.
- Како обвинителството и судот утврдија дека предметниот Договор е незаконит затоа што бил несразмерен? Затоа што согласно Законот за процена на имот и Методологијата за изготвување на проценки, за идна градба, односно идна недвижност не може да се изготви проценка на пазарната вредност на истата. Ова е факт кој го знаат сите проценители и професионалци од областа. Од каде знаат колкава ќе е вредноста на објектот на партнерот во договорот? Можеби ќе биде милијарда евра, па делот кој го отстапуваат на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде едноцифрен број на проценти. Од каде знаат колкава ќе биде вредноста, може ли некој да даде таква проценка на идна недвижност, тоа е спротивно на законот.
- Доколку правното лице незаконито на тендери, преку финансиски криминали се богатело, зошто обвинителството до сега не отвори ниту една кривична постапка за истото? Значи оваа претпоставка недокажана и нема ниту еден материјален доказ, се се сведува на озборување, полувистина и муабети кажани по ходници. Затоа повторно напоменуваме, партијата во оваа постапка не е обвинета. Но за приватното лице и неговиот имот нема никаква постапка нити пак решение за конфискација на било што.
- Судот утврдил дека БЕТОН е ОШТЕТЕН, а сопственикот на БЕТОН на последното рочиште пред да се објави пресудата, пред судот изјави дека договорот што го склучила неговата компанијата со ВМРО-ДПМНЕ за нив бил исплатлив.
-Ние на сето ова ќе вложиме жалба откако писмено ќе ја добиеме пресудата пред Апелациониот суд, не очекуваме дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но ние ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана. Еден новинар неодамна ме праша која е причината за судската одлука за Талир? Одговорот е следен. Вистинската причина се тонењето на рејтингот на власта на СДСМ и ДУИ, убедливото водство на ВМРО-ДПМНЕ на сите анкети и зголемената доверба и нашата борба за 60 пратеници да не зависиме од условувања. Ние ќе продолжиме со нашата борба уште помотивирани, и уште поконцентрирани. Единствениот начин за победа над сиромаштијата, стопирање на инфлацијата, економијата да ни оди напред е смена на оваа власт. Затоа што премногу е. Затоа го повикувам секој еден граѓанин да се спротивстави и да се бориме за смена на власта на СДСМ и ДУИ. Гласно да го кажеме незадоволството. Ве повикувам сите вие кои сте незадоволни од сето ова денешно, тешко и мачно секојдневие, кога едвај крај со крај крпите за да го поминете месецот, да ни се приклучите на 18 јуни во 20 часот пред владата на Република Македонија. Тоа е моментот и нема време повеќе за молчење, време е за реформи, време Македонија да оди напред, рече Мицкоски.