Мицкоски се сретна со кралот Чарлс: Оваа средба е значајно признание за Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Лондон се сретна со Кралот на Обединетото Кралство, Чарлс Трети.

„Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што дискутиравме за повеќе важни прашања, вклучувајќи ги билатералните односи меѓу двете земји и можностите за натамошна соработка во различни области.
Оваа средба претставува значајно признание за Македонија и е потврда за зајакнатата соработка и пријателство со Обединетото Кралство“, напиша тој на Фејсбук.

Владина делегација предводена од Мицкоски учествуват на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што започна вчера, а се одржи во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд.

Во состав на македонската делегација се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Европската политичка заедница беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниту една постоечка организација, структура или процес.