21.8 C
Skopje
недела, јули 7, 2024

Мицкоски: Сиљановска Давкова е лицето на вистината и правдата, гласот за Пендаровски е глас за Заев

Има противници кои ќе речат дека нè критикувала во минатото, јас ќе речам да точно е тоа. Но тоа и дава огромна додадена вредност, таквата критика покажува дека Гордана има интегритет и кредибилитет на кажаниот збор, а тоа во денешно време е најважно. Ние сме генерација политичари, генерација Македонци, граѓани кои ќе аргументираат со факти за своите политики, позиции и чекори. Треба да се соочиме со аргументите и ако нашите се послаби, треба да ги прифатиме тие на соговорникот. Треба да ја гушнеме вистината, а вистината е дека Гордана ќе биде претседател, а Митре градоначалник на Охрид, рече Мицкоски.

Порача дека на Македонија и треба лидерство засновано на кредибилитет и интегритет.

Прашајте ги нејзините студенти, пријатели и познаници ќе ви кажат дека секогаш го кажува своето мислење издржано и аргументирано. Тоа е лицето на вистината и правдата. Дојде тоа време кога ќе се стави крај на сите транзициони политичари и дојде време кога ќе се избере цврста жена да биде претседателка на Македонија. Претседателка која ќе се стави на страната на правото и правдата, која ќе се бори за закони во рамките на Уставот, која ќе гради дипломатија базирана на компетенции. Претседателка која ќе биде баланс на властите, ќе се бори за секој еден граѓанин и која ќе биде вашиот глас во политиката. Претседателка на сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби,  Власи, Бошњаци, Египјани и сите други. Претседателка која ќе се бори за Европски вредности како принцип, а не како празна реторика, и ќе се бори за имплементирање на тие стандарди кон кои сите ние заедно се стремиме. Од другата страна го имате Стево Пендаровски. Запамтете и не заборавајте и ширете дека гласот за него би бил глас за Зоран Заев и сите неправди кои ги донесоа. Заев и Стево се лице и опачина на една иста паричка. Толку за Стево и неговиот ментор. Се е јасно, се е кажано, истакна Мицкоски.