Мицкоски: Скопје е едно и единствено кое не познава граници, кое ги надживува стереотипите, поделбите, ја замира омразата и ја подигнува солидарноста

По повод на денот на ослободувањето на Скопје, претседателот на Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати настанот за одбележување на 13 Ноември, со порака за единство и почит кон оние кои се бореле за слободата на Скопје.

,,Денес сме собрани тука, обединети од длабоката љубов кон нашиот главен град, Скопје. Во предвечерието на 13 ноември, ќе кажам дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство”, кажа Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека победата над фашизмот е извор на гордост и инспирација за сите нас. Во своето обраќање, тој истакна дека слободата која ја уживаме денес е платена со огромни жртви и дека токму тие го поставиле темелот на нашата држава.

,,На овој ден, Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација. Овој ден сведочи и за солидарноста која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремеж за слобода. И слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја издвојуваме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историски читанки и читањето на историјата во зависност на поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива. Скопје не е само град; тоа е душата на Македонија; срцето на нашата историја и симбол на нашата издржливост”, рече Мицкоски

Мицкоски се осврна и на хероите кои ја втиснале својата жртва во македонската историја, именувајќи ги народните борците кои со својата храброст ги повеле луѓето кон ослободување.  

,,Сигурно ниту Методија Андонов Ченто, ниту пак на Димитар Влахов или Михајло Апостолски не им било ниту малку лесно да се соочат со најголемата фашистичка сила дотогаш, но тие веруваа во отпорот, веруваа во идеалите и потоа чекореа гордо низ слободното Скопје. Таа победа беше на нашиот народ и ние сега и сите генерации после нас имаат право да се повикуваат на придобивките од таа победа.”, истакна Мицкоски

Мицкоски ја истакна уникатноста на Скопје и способноста да ја спои историјата со современоста.

,,Скопје е нашиот град. Нашиот дом. Градот распослан на Вардар, со скопското кале, старата чаршија, Водно и уште стотици илјадници места од нашата младост, од нашите животи. Град со премногу проблеми, но и град со душа, на градски култни места, паркови, маалски клупи и дружби, на скопски урбани ликови кои ги нема многу но се паметат и чуваат во спомените на скопјани.”, посочи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека е важно да се сеќаваме на ослободувањето и жртвите што беа дадени за слободата која ја уживаме денес, но треба и да се гледа напред со цел да се изгради општество кое ќе ја носи таа слобода во нови времиња.

,,Денес, на овој посебен ден, кога се сеќаваме на ослободувањето на Скопје, стоиме обединети не само за да ја славиме нашата историја, туку и за да ја потврдиме нашата посветеност на иднината. Ова е момент кога се подготвуваме за нови предизвици, со сила и верба дека ќе го направиме Скопје и Македонија местото кое го заслужуваат сите наши граѓани, а Македонија место кое што сите ние го заслужуваме. Ја преземаме оваа одговорност со срце и посветеност”, заклучи Мицкоски.