Во пресрет на новогодишните празници, мало и скромно внимание за семејствата на кои им е потребна грижа и малку насмевки. Денескс бев во посета на семејства во Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода и Бутел. На поголемиот дел им ги знам и нивните лични и тешки судбини и можам да кажам дека ова се хероите на сегашното време, луѓе за кои вреди секоја наша борба за промени и за подобро. Среќни празници!, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Кумановското семејство Лазаровски, кое со пет малолетни деца преживуваше без елементарни услови во разурната колиба, доби нов дом, по нивните јавни апели за помош. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски информираше дека е среќен што придонел семејството да добие достоинствен дом, кој бил изграден за еден месец.
„Денеска сум особено среќен што имав шанса да придонесам за малку среќа за ова семејство, да изградам дом заедно со хуманите луѓе кои помогнаа во оваа моја иницијатива. Успеавме со донации, но и со труд и работа за месец дена да изградиме нова куќа, нов дом за петте ангели да можат заедно да ја почувствуваат празничната топлина. Нема поголема среќа од тоа да ја видиш искрената детска насмевка и нивната чиста детска радост. Им благодарам на сите кои ме поддржаа и помогнаа семејството Лазарeвски да доживее подобро утре. Ова не го правам за промоција, туку со срце и волја да ги повикам сите оние кои можат во овие тешки времиња да им помогнат на тие кои имаат помалку, да им подадат рака, да им го олеснат тешкиот живот и да им покажат дека хуманоста сè уште живее во сите наши срца. Да ја вратиме надежта, да покажеме дека не живееме само едни покрај други, дека сме заборавиле едни на други, туку дека сме тука на овој свет да бидеме едни за други“, објави вчера Мицкоски.
Добре Лазаровски, таткото на петте малолетни деца пак, во телефонски разговор за ,„Фокус” вели дека уште не може да поверува дека добиле нов дом.
-Се се случуваше набрзина. Новата куќа се изгради на десеттина метри од разурнатата, во која живеевме без никакви услови. Имаме три соби, плус кујна и купатило. Имаме струја, водата ќе биде приклучена деновиве, бидејќи има многу работа околу поврзувањето, но и тоа ќе се среди. Опремени сме со се, мебел, бела техника, имаме се што ни е потребно за нашите деца да продолжат со животот без глад и студ, во убав, среден дом. Благодарни сме на сите кои ни помогнаа – ни изјави таткото.
Како еден од иницијаторите на оваа хумана акција е Александар Ѓорѓиевски од Штип, кој го посети семејството во ноември, и тогаш ни изјави дека ќе направи се што е во неговата моќ да им обезбеди нов дом. Денес, за ,,Фокус” вели дека веднаш по посетата на Лазаревски писмено се обратил до дваесеттина врвни политичари во земјава и апелирал за помош.
-Прв кој ми одговори и ме прими, без двоумење ветувајќи помош, беше кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Тој премногу помогна, а потоа бев изненаден кога пред старата колиба на фамилијата затекнав голем број на возила и работници, кои ми кажаа дека тие ќе ја градат куќата, но не сакаат да се зборува јавно за тоа додека целата работа не се заврши. Потоа дознав дека зад нив стои Христијан Мицкоски. Ова беше напорна работа за сите кои бевме вклучени, покрај изградбата на куќата, тука има и низа на правни процедури, префрлање на струја, ископи, опремување со мебел… Заслугата оди кај Димитриевски и Мицкоски, но и кај голем број на хумани граѓани кои несебично помогнаа – раскажува хуманистот.
Додава дека семејството има парични средства собрани со помош на донациски акции, и ќе може во наредните години без проблем да си ги подмирува сметките. Покрај тоа, на таткото му купиле мотокултиватор со приколка, потребен алат за косење и сечење на дрва, односно цела механизација со која тој ќе може да работи и да заработува за семејството.
-Ова е една убава новогодишна приказна, која се заврши со среќен крај за доста кратко време. Многу процедури и работа имаше, кој градел и опремувал куќа знае за што зборувам. Ќе ја спомнам и Фудбалската Федерација на Македонија, која исто така остави солидна донација, граѓаните кои не чекаа два пати да им се побараат донации, а и многу наши иселеници. Од јавните функционери на кои им се обратив за помош, потенцирам дека првин Димитриевски се стави на располагање, а потоа и Мицкоски се вклучи. Никој друг не даде свој придонес. Се надеваме дека сега овие деца ќе имаат среќно детство-ни изјави Ѓорѓиевски.