При денешната посета на општина Аеродром на настанот „Твојата идеја за промени” претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на доаѓањето на американските истражители за борба против криминалот и корупцијата, и давањето поддршка на Спасовски и владата во таа борба, наспроти секојдневните примери на законско кршење и злоупотреба дали постои надеж да се сузбие криминалот и корупцијата истакна дека со овие луѓе кои се во владата и на чело на институциите криминалот и корупцијата може само да се продлабочуваат и затоа се потребни избори и нови луѓе кои што ќе ги водат тие институции во борбата со криминалот и корупцијата.
„Со овие луѓе во овие институции не само што нема надеж, туку корупцијата и криминалот може само да се продлабочуваат. Човекот кој што седум години е на чело на министерството за внатрешни работи, владата која што повеќе од пет години е влада, и партијата која што е дел од таа влада повеќе од 20 години и коишто се причината за криминалот и корупцијата во Македонија не можат да бидат решението“, рече лидерор на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, кој и да е тим истражители треба прво да започне од Владата, и поради тоа оцени дека колку е поскоро се одржат предвремени парламентарни избори со нови луѓе на чело на институции, толку побзо ќе се дојде до решение за раширените криминал и корупција во земјата.
„Ќе дадам два примера: првиот пример вклучува три институции, тоа се Царината, Министерството за внатрешни работои и Управата за јавни приходи. Нека се извади листа од последните пет години, луксузни возила со цена на чинење повеќе од 50.000 евра, кои се сопствениците на тие возила а потоа преку УЈП нека се провери годишната даночна пријава на тие луѓе како се стекнале со тие пари за да ги купат тие луксузни возила. Многу едноставно“, посочи Мицкоски.
Го изложи и вториот пример, при што наведе институциите како Катастар и УЈП, кои според предлогот на Мицкоски би требало да проверат кои се сопствениците на луксузни станови со вредност поголема од 100.000 евра и да и проверат нивните годишни даночни пријави, како ги заработиле тие пари.
„Не треба повеќе да одиме, доволно е само ова да го направат и ќе дојдеме до тоа каде корупција имаме, каде имаме криминал, кои се сопствениците, како се стекнале со тој имот, многу едноставно , не треба многу длабински да навлегуваме па да даваме изјава во насока на поддршка на борбата против криминалот и корупцијата па тимови специјални. Еве овие институции, овие институции со овие луѓе кои што се сега на чело на тие институции одговор на ова прашање нема да ви дадат. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори со нови луѓе во тие институции коишто немаат концесија, кои што не се контаминирани, за да можеме да дојдеме до одговорот на оваа хипотеза која што јас денеска ја поставувам овде пред вас и пред македонската јавност”, нагласи Мицкоски.