Мицкоски: Текстот на предложената резолуција е истиот дефиниран од МАНУ и УКИМ, ако СДСМ тврдат дека е заштитен идентитетот нека го прифатат токму овој текст

Текстот на резолуцијата која ќе ја предложи ВМРО-ДПМНЕ за дефинирање на македонските црвени линии и заштита на македонските позиции во преговорите со Бугарија, е дефиниран од МАНУ и УКИМ, и ако СДСМ вели дека македонскиот идентитет е заштитен тогаш треба да го прифати овој текст, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес конференција.

Мицкоски потенцираше дека највисоките научни институции во Македонија го имаат дадено овој текст како своја рефлексија на спорот со Бугарија.

„Да го поддржиме овој документ заеднички во парламентот, кој треба да биде надпартиски, треба да добие општествена поддршка и истиот овој документ е производ на МАНУ и најстариот универзитет Свети Кирил и Методиј, а е поддржан од МПЦ-ОА Јустинијана Прима’, рече Мицкоски.

Истакна дека доколку СДСМ и Зоран Заев не ја поддржат оваа резолуција, само ќе покажат дека преговараат за идентитетот.

„Доколку власта не ја поддржи оваа резолуција или не нападне затоа што ги оцртуваме јасно контурите позади кои треба да добиеме општествена поддршка, а тие контури не ги оцртало ВМРО-ДПМНЕ, туку највисоките научни институции во државата како МАНУ и УКИМ тогаш Зоран Заев и СДСМ ќе потврдат дека преговараат за македонскиот идентитет“, нагласи Мицкоски.