Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека државата пред два дена веќе исплатила сума од 120 милиони евра на компанијата изведувач на коридорите 8 и 10д.
-Имам сигурни информации дека пред два дена од трезор се префрлени пари преку Министерството за транспорт и врски на ЈПДП околу седум милијарди и 250 милиони денари или околу 120 милиони евра. Тие пари претпоставувам дека треба веќе да се легнати на сметка на компанијата изведувач на овие делови на коридорите 8 и 10д, рече Мицкоски.
Додаде дека исплатени се толку многу пари, а шајка нема ставено. Мицкоски повтори дека не се против градење на коридорите ниту против тоа компанијата да си ги брани интересите туку против распродажбата на народни и државни интереси од актулните политичари на власт.
-И за тоа ќе одговараат. Многу скоро од денеска, еве јас ви ветувам, дека ќе одговараат, рече лидерот на опозициската партија.
Пред два дена првите луѓе на опозициската партија ги брифираа новинарите дека до тогаш по основ на пенали и анансно плаќање од Договорот за изградба на делови од коридорите 8 и 10д со „Бенкел и Енка“ треба да платиме 301 милиони 495 илјади евра.
– Околу 173 милиони евра се обврски кои ги презела државата врз основа на самиот договор како авансно плаќање, трошоци за подготвка на градилиште и подготвителни работи вклучително и за менаџирање на самиот проект, а останатите се пенали заради тоа што во рок од 45 дена од потпишување на договорот не е променет Законот за работни односи односно работната недела не е продолжена од 40 на 60 работни часа, рече Мицкоски.
Тој изјави дека не очекува од ова обвинителство некаква реакција во однос на Договорот. Повтори дека партијата го добила Договорот од свиркач, но и дека го побарале од Владата.
-Ние го побравме договорот. Велат, ќе држат предавање во Парламентот, ќе го објаснеле договорот и дека на тој начин било сосема тоа доволно, рече Мицкоски.