Мицкоски вети 150 километри експресни патишта и инвестиции во водоводи и канализации

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска промовираше дел од економските мерки за подобрување на инфраструктурата во земјава, како дел од изборната програма на претстојните парламентарни избори.

„Се обврзуваме на изградба на нов експресен пат од Струмица до границата со соседна Бугарија. Ова ќе биде особено важно за развојот на Струмица, Ново Село, Василево, Босилово и околината. Воедно се обврзуваме и завршување т.е. довршување на експресните патишта кои ги започна и за кои што проектирањето го заврши и го обезбеди финансирањето претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Односно доградба на експресниот пат Штип – Кочани, експресниот пат Штип – Радовиш и експресниот пат Градско – Прилеп.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи 300 милиони евра инвестиции во изградба на нови водоводи и канализации низ целата земја со што многу населени места ќе добијат чиста вода за пиење и канализација за пристоен живот.

 

Се обврзуваме на обнова која ќе значи купување на 5 нови возови, за подобри услови во железничкиот сообраќај и сериозна модернизација на возниот парк.

Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на пруга Битола до Грција и пруга за Бугарија која многупати во минатото беше ветувана, но конечно денеска можеме да ветиме дека тоа во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја завршиме“, истакна денеска Мицкоски.