Што се однесува до законот за Јавното обвинителство би можел да кажам дека сите тие обвинувања се незрели од луѓе коишто видовме каде ја доведоа Македонија и во каква насока се движи Македонија во овој момент, истакна во интервјуто за телевизија Канал 5 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Во партијата формиравме тим за преговори. Но власта не слуша. Ако не, да оставиме луѓето од власта да прават што сакаат и да го укиниме ВМРО-ДПМНЕ. Но, ние одлучивме. ВМРО-ДПМНЕ ќе испорача нов закон за јавно обвинителство. Ние ќе направиме закон кој ќе биде соодветен на европските стандардите. Граѓаните од ова сега и од Специјалното јавно обвинителство не добија ништо, резултатот е еднаков на нула“, истакна Мицкоски.
„Луѓето коишто што ја обвинуваат опозицијата практично сакаат да го искористат законот ваков каков што е сѐ со една цел а тоа е да ја нападнат ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги гледате анкетите на следните избори ќе доживеат дебакл и народот заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе ги порази и единствен начин како да се спасат е да донесат на сила еден ваков закон и да го искористат за политичка пресметка со опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ формираше внатрепартиски тимови и тие ќе работат во рамките на правната комисија со цел креирање на еден закон кој ќе го опфати компаративното применливо европско право и препораките на европскиот суд за човекови права“, рече Мицкоски.
Додаде дека во ВМРО-ДПМНЕ се загрижени што во државата нема реформи, и оцени дека во земјата треба да се врати владеењето на правото и да се вратат демократските процеси.
„Да се стави крај на злоупотребата и на обвинителството и на судството. ВМРО-ДПМНЕ во најскоро време ќе испорача еден таков производ, нов закон јавното обвинителство и јавноста ќе може да го спореди со овој кој го предлага јавноста“, рече Мицкоски.