Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ има кристално јасен став против Договорот со Грција, ако референдумот не успее Заев ќе биде делигитимиран

ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија којашто не само што има кристално јасен став, туку тој беше прецизен, недвосмислен и континуиран во целиот овој период додека ова прашање беше актуелно, додека се водеа тие ткн. преговори, а доколку референдумското прашање не добие поддршка Заев ќе биде делегитимиран премиер изјави во понеделникот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во текот на неговото гостување во вестите на Алфа Телевизија.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има јасен став по принципот непромена на Уставот, односно непромена на уставното име, односно така наречениот ерга омнес концепт и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ јасно го квалификува договорот во кој што не учествуваше како капитулантски и договор кој што е штетен за македонските и националните интереси на Република Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ како сериозна , одговорна и народна политичка партија која што својот легитимитет го црпи од граѓаните на Република Македонија, нормално е да спроведе поширок опфат на консултации со истите и да може на крајот од денот да донесе едно решение како понатаму ќе се позиционира за самото референдумско изјаснување по прашањето кое што исто така кажавме дека е манипулативно и тросмислено бидејќи не содејствува на вистинската смисла која треба да содејствува на договорот кој што е потпишан, а не на аспирациите на Република Македонија и вековниот стремеж да биде дел од Евроатланското семејство, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Уште еднаш посочи дека од самиот почеток ВМРО-ДПМНЕ има принципиелен, чесен и искрен став пред граѓаните на Република Македонија пред гласачите и поддржувачите , но и пред останатите и во таа насока партијата ќе продолжи и понатаму се додека не се изгради конечниот став кој ќе биде поврзан со самото референдуско прашање, а истиот ќе и биде благовремено соопштен на јавноста.

„Тука не станува збор за персонално прашање, дали Христијан, Зоран или кој и да е друг во државата сака да биде вака или така, едноставно ова е прашање во кое што граѓаните на Република Македонија, но и оние генерации по нас треба да живеат со таа содржина на договор кој што некој одлучил да го потпише. Во име на тоа како одговорна политичка партија не се затворивме 3-4 во канцеларија туку излеговме чесно искрено, да разговараме со граѓаните и врз основа на сублиматот ние ќе донесеме став“, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМН го оцени референдумот „скапо платена статистичка операција“ која доколку не успее според законот и според демократските критериуми, лидерот на владајачката СДСМ, Зоран Заев, ќе биде делегитимиран премиер на Македонија по што, како што посочи Мицкоски, ќе следуваат некои други политички процеси.

„Математиката е егзактна наука, велат за двотретинско мнозинство се потребни околу 80-тна пратеника, односно точно 80 да не карикирам со бројката. Јас, колку што знам, парламентарното мнозинство нема толкава бројка. Претпоставувам дека г-дин Зоран Заев, премиерот Зоран Заев, има некои други поинакви калкулации, можеби ќе треба тој натаму да даде одговор на тоа. Но едно нешто треба да ни стане јасно е дека политичарите доколку не успеат да извојуваат победа тогаш тие се делегитимирани од страна на народот и го губат легитимитетот кај народот. И логично е по една ваква, да ја наречам статистичка операција, скапо платена статистичка операција, доколку не успее да ја спроведе во целост и доколку истата не биде успешно спроведена зборувам и по закон и по демократски критериуми што подразбира успешен референдум, тогаш тој навистина ќе претставува делигитимиран премиер на оваа држава и нормално понатаму следат некои други поинакви политички процеси во Република Македонија“, заклучи Мицкоски.

Според лидерот на опозицијата добро се познати критериумите на успешен референдум, а ниту владата на СДСМ не верува во успешноста на истиот и токму поради ова референдумот е консултативен.

„Точно се знаат условите за да некој референдум биде квалификуван како успешен. Тие очигледно не веруваат во сето тоа и затоа одлучија да биде консултативен, понатаму таа скепса и недоверба самите ја комуницираат неформално. Еве добиваме такви информации кои што пристигнаа кај нас од посетата на министерот за надворешни работи во Вашингтон иако послем тоа тој се обиде онака бледо во свој стил да ја демантира, но мислам дека каде што има дим има и оган така што кога човек самиот не верува дека е нешто добро, кога човек самиот не верува дека нешто ќе успее да го направи тогаш тоа е осудено на пропаст уште пред да почне да се спроведува било каква операција. Мене ми изгледаат овие луѓе од владата на СДСМ, пред се мислам на тие два тројца кој што осамени останаа да го бранат она што и го приредија на Македонија и на македонскиот народ дека и самите тие не веруваат дека македонскиот народ позитивно , односно мнозинството од македонскиот народ позитивно ќе се изрази и граѓаните на Република Македонија“, рече уште Мицкоски.