1.8 C
Skopje
сабота, декември 28, 2024

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ излегува на блокади во Скопје и 10 градови во Македонија

Темата на денешната изјава е активностите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги презема во следниот период, а се однесуваат на тајните преговори коишто двоецот Заев – Бучковски ги водат со официјална Софија, а се однесуваат практично на иднината на Македонија и евроинтегративниот процес на македонскиот народ, нација и држава во рамките на Европската унија, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Она коешто денеска сакам да го кажам, но и да го повторам е дека од високи дипломатски извори, од Брисел, но и од официјална Софија дознаваме дека барањата коишто се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент практично ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската унија и од тој момент билатералниот проблем којшто ние го имаме со официјална Софија, а се однесува на посебноста на македонскиот народ, култура, традиција, обичаи, македонскиот јазик, антифашистичката борба, сите оние проблеми коишто се содржани во Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент ќе бидат проблем којшто ќе го имаме ние  со Европската унија, односно од билатерален проблем, тоа ќе прерасне во проблем помеѓу Македонија и Европската унија. Ова можеме да го спречиме само на еден начин, а тоа е јавноста со својата критика, а истовремено и народ на улиците, во рамките на тоа ВМРО-ДПМНЕ секој ден почнувајќи од утре ќе ги блокира на три места Скопје и десет градови во Македонија во периодот од 15 до 17 часот, се додека на јавноста не и биде покажан документот  „Патоказ“ или како сакате наречете го, којшто го преговараа двоецот Заев-Бучковски со официјална Софија, а се однесува на прифаќање на Декларацијата која е усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година, да биде дел од преговарачкиот процес или да бидам чекор попрецизен тоа е првиот кластер „фундаменталс“ или претпоглавје. Така да како нација и  како држава доколку ова биде дел од преговарачкиот ние ќе бидеме доведени пред двоен избор,а тоа е или асимилација – бугаризација за еден ден кога ќе ви завршиме реформите и бидеме дел од ЕУ или замрзнување и напуштање на сонот за ЕУ, посочи Мицкоски.

Тој апелираше до сите политички партии без разлика дали се леви, десни или центар, без разлика дали се парламентарни или надвор од парламентот, да се приклучат на барикадите, за тоа што македонскиот  народ, македонската нација заслужуваат одбрана во овој момент.

-Да не биде после тоа доцна, за тоа што грешката денеска која што ќе се направи може да има влијание на иднината на сите оние генерации кои што се неродени и сите оние генерации кои што практично се денеска со нас и кои што треба нас да не наследат. Оваа прилика ја користам да се обратам и до ЕУ, македонскиот народ, македонската нација, македонската држава заслужува без условување, без дополнителни патокази, без дополнителни договори уште од 2009-тата година почнување на преговорите со ЕУ. Ние ги споделуваме вредностите кои што ги споделуваат жителите на земјите членки на ЕУ. Македонскиот народ, нација и држава се вратата на Европа. Ние го споделуваме сонот на Аденауер, Шуман и Де Гаспери за Обединета Европа. За тоа апелирам до вас оставете ги овие хегемонистички барања од официјална Софија кои што ги негираат посебноста на македонскиот јазик, идентитетот, историјата, културата, обичаите, и стапете со вредностите на кои што почива идејата за ЕУ. Дајте ни датум да почнеме со преговори со вас и таа дата да биде сега на 21-ви јуни. Овој народ тоа го заслужува. Можеби тоа не го заслужува Зоран Заев и оваа Влада, со сигурност не, но овој народ тоа го заслужува. Оваа нација и оваа држава тоа го заслужуваат. Немојте дополнително да го притискате, тој е доволно уценет човек, него не му требаат дополнителни отстапки, овој народ не може тоа да го прифати. Ние сме за достоинствени преговори, а ние ќе ви покажеме дека можеме и заслужуваме да бидеме дел од вас на таа маса, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски порача: „Јас знам дека нема никакви реформи, буквално ниту во една област. Но тоа што овој народ го направи за Европа во минатото, и тоа што овој народ го направи за Европа во поблиска иднина заслужува почеток на преговори. На 21-ви јуни дозволете ни да почнеме и да ви докажеме дека ние сме дел од Европа и заслужуваме да бидеме дел од Обединета Европа“.