Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори излегува со нов бран на политичката сцена кој ќе покаже дека може поинаку

ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори ќе излезе со нови лица, коишто го претставуваат новиот бран на македонската политичка сцена, и коишто ќе покажат дека може да се работи и дејствува и поинаку, изјави во средата во претседателот на опозицската партија Христијан Мицкоски во гостување во централниот дневник на телевизијата Сител .

„Во петок ќе имаме прес конференција на којашто ќе презентираме дел од имињата кои што ќе бидат исто така во преостанатите скопски општини, но исто така и на други општини во Македонија. Од прилика дваесетина мислам дека ќе бидат, нови имиња“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека професорката Наташа Котлар е навистина исклучителна жена, и се цени дека со своето делување и ставови коишто во изминатиов период ги рефлектираше во јавноста е лице коешто може да направи навистина добар резултат. Така дури покажаа и интерните мерења.

„ВМРО-ДПМНЕ не е партија којашто има фрустрација дека тоа мора да биде човек кој што има свое портфолио на ВМРО-ДПМНЕ, туку целта на партијата е да излезе со кандидат што ќе го победи СДСМ и Зоран Заев во Општина Центар“, рече Мицкоски.

„Дали тоа било коалиционен партнер во Центар, или во некоја друга општина, ако ликот кој што е предлог и кој што на мерењата ќе покаже навистина исклучителни капацитети и нормално бројки, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Така што немаме таква фрустрација. Нашата цел е да ја ослободиме државата од ова лошо политичко раководење под палката на СДСМ и ДУИ“, појасни Мицкоски.

Укажа дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ излегува со нови ликови кои што се нов бран на политичката сцена и ќе покажат како може поинаку.