Мицкоски во интервју за НетПрес: Македонската економија колабира, a власта сервира само лажни ветувања

Актуелната власт нема ниту рецепт, ниту стратегија како да се придвижи македонската економија, а наместо тоа имаме нереализирани проекти и бројни лажни ветувања, изигрување на законите и прописите, од кои големи последици трпат и граѓаните и државата севкупно, оценува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во ексклузивното божиќно интервју за НетПрес. Дополнително лидерот на опозицијата во Македонија вели дека и справувањето на власта со коронакризата е циркузантскo, бидејќи Македонија е меѓу светските лидери по смртност од Ковид 19.

*Разговорот го водиме во песрет на големиот христијански празник Христовото раѓање и влезот во новата година. Кои се Вашите желби и пораки до граѓаните на Македонија?

Мицкоски: Здравје и среќа, пред сѐ, затоа што тоа мислам дека ќе биде потребно на граѓаните оваа година кога очекуваме сите да излеземе од оваа пандемија којашто го затвори човештвото, еве, веќе речиси една цела година. Мислам дека здравјето и среќата ќе бидат неопходните нешта за да можеме нормално да функционираме во оваа година 2021-ва, се разбира со тоа ќе дојде и успехот, со тоа ќе дојде и мотивацијата за да побрзо излеземе од сево ова коешто нѐ снајде во периодот.

*Годинава почна со протест. Тутунарите, го запалија демонстративно својот род пред Владата, не помали се и проблемите на лозарите, оризопроизводителите, чинителите во земјоделието како една од значајните гранки во македонската економија…

Мицкоски: Мислам дека тоа е само една реакција на сите оние лажни ветувања коишто доаѓаат од СДСМ и Зоран Заев, но и од политичарите кои орбитираат околу СДСМ и Зоран Заев, а тоа се случуваше и беше евидентно најмногу во периодот на предизборната кампања, изборите кои беа на 15-ти јули, за време на техничката влада на Оливер Спасовски, но и периодот потоа. Сите оние лажни ветувања, купувања време од страна на Зоран Заев, доведоа на овој начин дел од тутунарите да реагираат и практично го искажат својот револт, поради, прво ниската откупна цена, а второ поради тоа што дел од тутунот ќе остане непродаден. Имаме сериозни индиции дека дел од количествата тутун кои се неопходни во земјата е донесен од увоз, што самото посебе говори дека дел од тутунот произведен во Македонија ќе остане неоткупен. ќе остане во амбарите на тутунопрозиводителите.

Исклучително тешка година, ќе потсетам беше и за лозарите, од многу ветувања ништо не се случи, откупната цена на грозјето беше историски најниска практично. Истото тоа се случи и со оризопрозводителите, во декември и тие го блокираа магистралниот пат Штип-Кочани, истото се случува денеска и со производителите на јаболки, јаболкарите, овоштарите и така натаму. Но и не само тоа огромен револт врз основа на информациите коишто ги добиваме од Пелагонија и останатите земјоделци.

Така што ова беше една навистина тешка година и тоа е резултат на немањето стратегија, на немањето визија во земјоделието. Практично и ценам дека таков тип визија и стратегија ниту, пак, ќе има во иднина, бидејќи не ја гледам, ако ја погледнете и програмата на СДСМ ќе видите дека такво нешто нема, тоа е една бледа копија на дел од поранешните програми на ВМРО-ДПМНЕ. Така што, како заокружување на одговорот на прашањето, очекувам допрва да ескалираа револтот на земјоделците.

*Кога сме кај економијата и стратешките сектори во оваа област, дали за ВМРО-ДПМНЕ е затворен случајот ГА-МА?

Мицкоски: Тоа е еден навистина скандалозен случај и многу е важно јавноста да знае што се случува со тој случај затоа што гледаме дека се обидуваат да ја извртат вистината и да ја презентираат на еден поинаков начин повикувајќи се на европската-енергетска заедница и практично менаџментот на „Макпетрол“, којшто за волја на вистината до ден денеска се чудам и како воопшто успева да менаџира една таква компанија гледајќи ги нивните емотивни настапи и би рекол кавгаџиски соопштенија коишто како компанија ги лиферуваат во јавноста напаѓајќи ја, би рекол безочно, опозицијата и мене лично, се обиде оваа вистина да ја претстави дека ова е дел од процесот на преговори кон ЕУ или некаков си услов.

Да, точно Македонија е потребно да спроведе определен број реформи коишто се поврзани со Европската енергетска заедница, но Европската енергетска заедница не ја кажува цената по којашто ние како држава треба да го откупиме делот којшто е сопственост на „Макпетрол“ во претпријатието ГА-МА. Како тоа со бројки би изгледало? Ако процената, и едноставно може да го прочитате во предлог законот којшто се донесе во парламентот на дивјачки и насилен начин, ќе забележите дека практично претпријатието е проценото дека неговата вредност е околу 36 милиони евра. Ако овие 36 милиони евра ги поделите на два дела, бидејќи според процената државата има околу 50% и 1 акција, а претпријатието Макпетрол има исто така околу 50% и 1 акција, доаѓаме до бројка од 18 милиони евра, цена на чинење на тие 50% или таа 1 акција. Државата плаќа повеќе од 32 милиони евра за таа 1 акција којашто би требало по логиката на нештата, по пазарната цена да ја плати за 18 милиони евра, тоа се дури повеќе од 14 милиони евра повеќе од тоа што е пазарната цена. Тоа е исто речиси двојна, тоа е исто како вие да појдете во маркет и пазарувате за вашиот дом, за вашето семејство, цената е 3.000, 4.000, 5.000 денари, а вие да речете – не сега сакам да ви платам 6.000, 10.0000 или 12.000 денари.

Така некако му доаѓа пазарот којшто го направил Зоран Заев со „Макпетрол“ и според нас тој е скандалозен, има основано сомневања и во јавноста е сеприсутна една информација дека практично на тој начин тие ја купуваат милоста на телевизијата којашто е практично сопственост на компанијата „Макпетрол“ за да нормално комплетно ја игнорира и цензурира опозицијата, а на сметка на тоа да ја фаворизира владата на Заев со наши пари, пари на граѓаните.

Поентата на крајот ми е дека овој договор за ВМРО-ДПМНЕ не е завршена работа. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ којашто ќе биде формирана, на својата прва седница или на една од првите седници планира сериозно да го ревидира овој договор и да отпочне истрага да видиме како парите на граѓаните ги трошеа Зоран Заев, владата на СДСМ и менаџментот на „Макпетрол“.

*Планирате ли како партија некави дејствија во однос на пожарот кој го пеплоса струмичкиот трговски центар „Глобал“, објект кој од самиот негов почеток го следат дузина тешки скандали и за кој лидерот на СДСМ, Зоран Заев беше аболиран?

Мицкоски: Апсолутно во деновите коишто следат јавноста ќе биде сведок на она што таму се случи, трагедијата за луѓето коишто ја загубија сите свои стоки и она што го поседуваа во тие дуќани кои изгореа. Дел од нив се таму под кирија, помал дел од нив се сопственици, но кога јавноста ќе дознае кои се вистинските сопственици на тие комерцијални дуќани, би рекол и што се случувало со „Глобал“, како практично е настаната ова градба, тогаш многу појасно на сите нас ќе ни биде и многу појасно ќе ѝ биде на јавноста.

Ќе се обидам накратко да дадам еден приказ како е настанат „Глобал“, а потоа јавноста во деновите коишто следи преку прес-конференции на ВМРО-ДПММЕ и опозицијата, но и други активности, ќе може детално да види што се случува таму. Прво би сакал да им изразам жалење на сите оние мали дуканџии коишто работат и стопанисуваат во оние тие објекти и за тоа што им се случи, бидејќи тие не се виновни за тоа што им се случи таму и треба да се најде начин тие луѓе, доколку, за жал, не ја осигурале својата стока да им се помогне во рамките на можностите, се разбира бидејќи тие не се виновни. Виновни се тие коишто го изградија „Глобал“ и тие коишто дозволија потоа ова да се случи. Како е изграден „Глобал“? Изграден е со локациски услови коишто се добиени околу 15 или 16 мај 2008 година и тоа се издадени локациски  услови за реконструкција и надградба на пазариште. Еден месец потоа, на 18 јуни 2008 година, „Глобал“ добива одобрение да се изгради односно, практично да се реконструира и награди пазариштето кое што во тој момент постои. Замислете, за еден месец добивате локациски услови, правите истраги, тие истраги потоа ви се влез во основен проект, работите основен проект, потоа тој основен проект некој ви го ревидира, завршувате со ревизијата и потоа одите во општината аплицирате и општината за еден месец ви дава одобрение за реконструкција и надградба на тоа пазариште. Има голем број градежни компании еве една видовме дека бега од Македонија деновиве прашајте ги за искуство дали е тоа возможно за еден месец. Тука не застанува чудото, чудото продолжува, ако на 18 јуни 2008 година е издадено одобрението за градење веќе на 22 или 23 јуни е дадено одобрението за употреба. Замислете за само пет дена Глобал е изграден. И веќе на 23 јуни е издадено одобрението за употреба на реконструираниот и надградениот пазар.

Ако се прашувате кој го изградил тогаш треба да се вратиме чекор наназад и да го видите со солеминизираниот договор на содружништво меѓу две трговски друштва Јавното претпријатие за комунални услуги Комуналец Струмица во тоа време раководено од Панче Орцев, и Зоран Заев како тогашен градоначалник на Струмица. Од другата страна содружници се две правни лица претставувани од Цикарски и Брндевски. Сашко Брндевски е ликот којшто пред Нова година купуваше илјадници метри квадратни земјиште во една локација во Струмица и подоцна тие десетици илјади метри квадратни ги замени со една од фирмите во којашто има сопственички удел семејството Заеви за станот од 50-ина, 60 метни квадратни. Сета оваа работа за да биде уште поинтересна завршува во 2014 година кога е пишана во Катастар, а во Катастар се впишува врз основа на акт и каде што магично исчезнува сега реконструираниот или надграден пазар во трговски центар. Прашањето е дали при добивањето на одобрение за градење и тогашниот Закон за градење е испочитуван условот да биде изработен елаборат за противпожарна заштита. Затоа што секој што денеска се занимава со градби треба да приложи елаборат за противпожарна заштита и елаборат кој што е дел од електро проектот за громобранска инсталација. Дали условниот проект е приложен таков елаборат за противпожарна заштита и громобранска инсталација. Второ, кој вршел тестирање на апаратите коишто во случајот ги користиме за гаснење на пожарот, противпожарните апарати? И дали е тоа тестирање направено? И која компанија тоа го направила?

Голем дел од овие прашања деновиве коишто следат практично ВМРО-ДПМНЕ ќе ги елаборира со докази и ќе даде одговор на тие прашања. Се надевам дека ќе предизвикаат интерес кај Јавното обвинителство, затоа што ќе поднесеме можеби и одреден број пријави. Доколку ова Јавното обвинителство, Јавниот обвинител за тоа не се заинтересира има друг којшто за тоа ќе се заинтересира, кога ќе дојде ослободување на обвинителството и судството.

Но истовремено можно е како пратеничка група во рамките на парламентот да побараме, и јавна расправа со сите овие докази кои ВМРО-ДПМНЕ ги поседува да бидат таму презентирани. Така што оваа несреќа би ја поделил во два дела. Првиот е хуманитарно, да им се помогне на луѓето кои загубија во оваа насреќа порад несовесната градба на објекот и несовесното негово одржување. Тие луѓе навистина не се виновни за она што се случувало во минатот, ниту, пак, за тоа што некој не го одржувал овој објект според прописите. Но истовремено бараме одговорност од самиот почеток, па сѐ до денес.

Овој случај, како што кажавте, е скандалозен затоа што токму поради овој случај Зоран Заев беше аболиран од тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Но ќе потсетам, тоа беше делот каде што оваа градба е отпочната да се гради поради нерасчистени имотно правни односи. Но, како што се гледа, имаме би рекол спринтерски начин на градење градба, локациски стои, месец дена за одобрение за градба, пет дена до одобрение за употреба. Тоа е невозможно. Уште едно кривично дело и неприкосновено сомневање за сторено кривично дело. И, конечно, треба надзорот на објектот да одговори зошто и на кој начин биле изведени сите овие инсталации коишто всушност не биле изведени?

*Една од водечките компании во Македонија најави дека својата дејност ќе ја пресели во соседните земји, оценувајќи ја ситуацијата кај нас како неповолна за вложување. Секако до Вас допираат реакциите на бизнис-заедницата. Кои се Вашите согледувања за излез на македонската економија од кризата? Какви се Вашите процени и понуди како алтернатива на власта, во сферата на економијата во однос на справување на последиците од коронакризата?

Мицкоски: Оваа власт нема рецепт и нема стратегија како македонската економија да се движи напред. Ние зборувавме дека е потребна робусна, интензивна реализација на капиталните инвестиции па, дури и предвремена реализација на капиталните инвестиции за годините однапред. Но, за жал, тоа ние не го гледаме.

Вчера ја добив реализацијата на Буџетот за 2020 година и еве ексклузивно за НетПрес ќе кажам дека реализацијата на капиталните инвестиции е не повеќе од 250 милиони евра, иако беше планирана да биде четврт на почетокот на оној примарен Буџет кој беше формиран во 2019 година. Не само што не успеаа да ги реализираат капиталните инвестиции, туку истите тие успеаа да ги намалат на ниво од 60-ина проценти. А што значи не реализацијата на капиталните инвестиции. Тоа значи помалку пари во оптек и помалку плата за вработените во компаниите кои што практично очекуваат овие пари да бидат завртени во економијата. Ако државата парите коишто ги предвидува за капитални инвестиции не ги врати назад кон економијата, тогаш вие не можете да очекувате дека економијата ќе излезе брзо од сето ова што нам ни се случува.

За уште еднаш да потврдиме колку е глупава економската политика на оваа влада, ќе се повикам на изјавата на Фатмир Бесими, министерот за финансии кој рече: Ако не беше помошта и задолжувањето, тогаш падот на бруто домашниот производ наместо 5.9 проценти ќе беше 1.2 проценти. Е сега што би значело ова во пари. Власта успеа да спаси 100 милиони евра, но затоа пак ја задолжија државата со 900 милиони. Ако ја видите завршната сметка на Буџетот од 2020 година ќе видите дека буџетскиот дефицит е речиси 54 милијарди денари или тоа е еднакво на 900 милиони евра. Што значи успеавме да спасиме 100 милиони, затоа позајмивме 900 милиони. Но, тие пари не ги враќа Фатмир Бесими или Заев, ќе ги враќаме ние – граѓаните. И затоа граѓаните се сѐ посиромашни, а политичарите се сѐ побогати. Затоа граѓаните се помалку уживаат во привилегиите на животот, но политичарите во власта уживаат се повеќе. Ете таа е нивната политика.

И каде нѐ задолжија со тие 900 милиони? Па нормално, за картички за избори, поткуп за избори и така натака. Јас да имам ваков студент и да ми дојде на испит би му рекол слушај колега не само што не сте ја совладале материјата, туку и не знам како и сте стигнале до оваа година за да го полагате овој испит. Тие луѓе едноставно не можат да се справат со ова. Таков е начинот на функционирање на економската политика на СДСМ и на оваа влада, без разлика кој е во таа влада. Тие немаат стратегија. Затоа зборувавме и во минатото, а ќе збориме и во иднина. Потребна е интензивна реализација на капиталните инвестиции. Тоа е суштината. Ако ги реализираат капиталните инвестиции па, макар и да ја задолжат државата, тоа ќе значи дека ќе има раст на БДП и поголема ликвидност, повеќе пари.

Повторно ќе го спомнам градежниот сектор. Градежна компанија која однапред обезбедува работа за две или три години, ќе има задоволен менаџмент кое пак, тоа задоволство го пренесува на вработените. Ако е криза ние обезбедивме работа во следните две-три години и бидете спокојни, вашите работни места остануваат сигурни и вашата плата останува сигурна. Што значи, вработените кога ќе дојдат дома купуваат храна, нови обувки за децата и други работи, што значи дека трошат пари. Тие пари понатаму влегуваат во стопанството. Но, ако менаџерите чекаат овој месец дали ќе има или ќе нема плата или чекаат минимална плата како помош од државата, тоа незадоволство го пренесуваат и на вработените. Вработените се загрижени за своите работни места и тие пари малку што ги имаат не ги трошат. Тоа е погрешната политика, политиката на оваа влада и Зоран Заев. И ова не е единствен пример што некоја странска компанија ја напушти Македонија, ние имаме неколку такви компании што потпишаа договори во 2018-та година па, ја напуштија. И овие малку странски инвестиции што се тука се реинвестирана добивка поради странските инвестиции во минатото, но и оние кои беа договорени во времето на други влади. Ќе ја потсетиме јавноста на ТВ дуелот со мене Зоран Заев кажа дека практично ќе донел 3 инвестиции до септември. Еве дојде и јануари каде се тие инвестиции. Абер нема. Единствената инвестиција за кој тој знае е куферчето кое завршува во еден ресторан во југоисточна Македонија. Тоа е единствената инвестиција што овие луѓе ја знаат. А јас и тогаш кажав и денес стојам на тоа, дека следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во првите 100 дена ќе донесе најмалку 3 сериозни капитални инвестиции во вредност од повеќе од една милијарда евра. Едната во земјоделието, едната во банкарскиот сектор и едната ќе биде компанија која се занимава со делови во авио индустријата.

*Кога сме кај кризата од пандемијата, како според Вас Македонија се справува со оваа здравствена криза? Пред само неколку денови Македонија беше рангирана како петта во светот според смртноста. Како стручниот тим во партијата ги гледа овие показатели?

Мицкоски: Катастрофално, циркузантски се справува сегашната власт со оваа криза. За жал, по цена на човечки животи кои се губат и семејни трагедии се случуваат. Би рекол земјава е прва според црните показатели во оваа здравствена криза, ако се земат предвид некои други објективни параметри. Но, тоа не е најголемиот проблем. Проблемот е што никој не сноси одговорност.

И не е само смртноста во оваа криза она што загрижува и плаши. Кажете што се направи во здравството. Еве повторно ќе кажам 900 милиони евра се задолжи државата, има дефицит, еве и 100 милиони ги спасивме некако, но ете со тие 800 милиони што се направи во здравството. Се реновираше некоја болница? Се изградија нови болници? Еве Србија направи две болници во рок од неколку месеци. Што направивме ние? Вакцините ќе ги донесеме последни во регионот и ќе ни пристигнат 5-6.000 дози што се само за 2 до 3 илјади луѓе, а до крајот на 2021-та година ќе ги добиеме останатите дози кога веќе и ќе имаме колективен имунитет. И на најголем дел од населението нема да му треба и ќе ни останат во магацините со поминат рок, па до година ќе ги критикуваме зошто ги фрливте парите. Требаше или да бидете први, или сега нема никаква потреба. Затоа што, според сите предвидувања, колективниот имунитет ќе го стекнеме некаде април-мај, ако вака продолжиме со ова динамика. Чуму ни се после тоа вакцини!? Или за до година, кога ќе им помине рокот, кога ќе ги фрламе? Е, отприлика, таква е математиката на Зоран Заев.