Мицкоски за „27 април“: По падот на Заев ќе има ревизија на сите политички диктирани пресуди

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека во Македонија имаме заробено обвинителство каде што се диктираат обвиненија што служат за политички прогон.

-Имаме судство коешто функционира под диктат – како владетелот, односно Зоран Заев и СДСМ ќе им издиктираат, такви пресуди се носат – вели Мицкоски.

Како што потенцира тој, Таквата состојба го логичен заклучокот дека во Македонија има хибриден режим и не треба да чуди што сме најкорумпираната и најкриминалната држава на Балканот, според меѓународната реномирана „Транспаренси интернационал“.

Притоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи го случајот „27 април“, најави дека по промената на власта ќе има промени во работата на обвинителството и судтсвото коишто работата под политички наредби и диктати, како и ревизија на сите политички донесени пресуди.

-Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги ревидира сите овие издиктирани обвиненија, сите овие нарачани судски пресуди. Врз основа на таа ревизија, којашто ќе ја прават колеги обвинители и судии, но коишто изминатиов период биле чесни и не потклекнале на диктатите и нарачките на Зоран Заев и оваа власт, тие пресуди ќе бидат предмет на постапка. Сите оние судии коишто ги прифатиле овие диктати и судски нарачани пресуди ќе бидат соодветно и согласно Уставот и законите санкционирани. Ревизијата на сите овие нарачани и, би рекол под политички диктат донесени судски пресуди ќе биде неминовна веднаш по промената на власта. Вклучително случајот „27 април“, но и многу други политички случаи – истакна Мицкоски.

Истовремено, Мицкоски ја потсети јавноста дека и самата партија, ВМРО-ДПМНЕ, е жртва на политички прогон и монтиран судски процес.

-Партијата има блокиран имот и со него не може да го располага и нормално да функционира поради еден судски монтиран политички процес, којшто е покренат 18 месеци по крајниот рокот предвиден согласно законот за СЈО, коешто сите знаат како заврши. Така што не е само случајот „27 април“, тоа е еден од случаите со огромен политички прогон, но тука се и други слуачи коишто во моментов се водат во судските лавиринти, меѓу кои е и против партијата за која на неправеден, незаконски, неуставен начин и е замрзнат имотот – изјави Мицкоски.