Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека уставни измени нема да има без добиени гаранции од Брисел, односно, како што вели, заеднички изготвен јасен план дека нема понатамошна билатерализација на процесот на пристапување.
„Очекувам дека македонското досие конечно во Брисел ќе добие светлина, и очекувам дека ќе седнеме заедно со луѓето во Брисел да разговараме и да направиме план и сценарио како до самиот крај, а не само за првите една или две пречки. Сакам да видам план во кој што ќе учествуваме активно како да дојдеме до самиот крај. Се разбира, никој не може нас да ни гарантира дека ќе дојдеме во одреден временски период, но може да ни гарантира дека немаме повеќе проблем со билатерални прашања. Затоа што ние милиментар не сме се поместиле овие 20 години, поради билатералните прашања. Не дека ние сме брилијантни дома, но има многу земји членки кои што станале земји членки па не биле брилијантни. Да бидам подиректен, не секогаш станува збор за кластери и поглавја, туку има и политичка волја и одлука. Очигледно за македонското досие таква политичка волја и одлука во изминативе 20 години немало. Ова е двосмерна улица, ние сме поготвени нашата насока да ја возиме, но дали вистински е подготвен Брисел да тие ја возат својата насока – не декларативно, не тапкање по рамо, не испраќање пораки, да седнеме и да направиме јасен план. Ете тоа очекувам од Брисел“, рече Мицкоски на новинарско прашање на заедничката прес – конференција во владиниот медија – центар со министерката Весна Јаневска.
На дополнително прашање дека од Брисел се инсистира на уставни измени за продолжување на европскиот пат и за изјавата на спикерот Африм Гаши дека за тоа е потребна политичка волја кај најголемата владеjачка партија, Мицкоски потврди дека додека тој ја води Владата и е на чело на ВМРО-ДПМНЕ измени на Уставот нема да има, без добиените гаранции од ЕУ.
„Да, нема да има политичка волја додека јас ја водам Владата и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а без ВМРО-ДПМНЕ уставни измени нема да има, тоа треба на сите да им е јасно. Вака како што се конципирани – нема, и нема ни да има. Затоа што јас не сум авантуриста ни егзибициониста во мојот живот, газам на цврста штица и ако носам каква било одлука таа одлука сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток. Кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш јас ќе бидам подготвен“, рече Мицкоски оценувајќи ја изјвата на Гаши како интелигентна бидејќи е свесен за реалноста во земјава дека без ВМРО-ДПМНЕ нема уставни измени.