Планот на Зоран Заев е да не се постигне договор, дојде за овие преговори да немаат успех. Човекот има план Ц кој гледаме дека го туркаат по секоја цена, односно предметите од СЈО да ги пренесат во ЈО, истакна на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој вели дека вака Заев можеби си купил уште некој месец мир, но сега или потоа одговорност ќе има, соочување со правдата е неизбеже процес кој ќе дојде.
-Толку е извесно дека соочување со правдата ќе има, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ случувањата на вчерашната лидерска средба ги подели во три дела.
-Првиот дел беше реферирање од страна на работниоте групи од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за досегашниот тек на разговорите поврзани со законот за ЈО, со акцент на начелниот договор од 30 август. Веднаш по првата пауза, Зоран Заев даде предлог кој јас ќе се обидам да го пренесам. Предлогот содржеше неколу точки.
Прво, формирање на ЈО за висока корупција, како второ ова обвинителство ќе биде на исто ниво со Обвинителството на Русковска за организиран криминал и корупција, а обвинителот кој треба да го предводи ова Обвинителство, треба да биде на предлог на најголемата опозициона партија, во случајов ВМРО-ДПМНЕ.
Трето, покрај надлежностите кои ќе ги има, откако ќе ги превземе 10-те помошници на Катица Јанева во сопствените редови, ќе биде придодадена и надлежноста за гонење на криминал на лица кои се избрани или именувани.
Четврто, да има заштитна клаузула која вели дека во одреден временски период ако власта не го прифати предлогот на опозицијата за лице кое ќе го предводи ова Обвинителство, тогаш Советот на јавни обвинители да избере лице од овие 10 кои што би преминале од СЈО во новото обвинителство за гонење на висока корупција. Власта практично ќе биде охрабрена никогаш да не го прифати предлогот на опозицијата и со политички притисоци и влијанија кои потоа би избрале обвинител од редот на 10-темина. Понудата на Заев беше ново СЈО водено од еден од 10-темина помошници на Катица Јанева како офанзивна алатка, Обвинителство кое ќе го води Русковска како дефанзивна алатка и сето тоа управувано и раководено од Јовевски, истакна Мицкоски.