Мицкоски: Заев од опозиција манипулираше со судбината на роднините на убиените кај Смилковско езеро

Премиерот Зоран Заев додека беше во опозиција манипулираше со судбината на роднините на убиените кај Смилковско езеро и со таа манипулација неколкупати им ги одземаше животите на тие млади луѓе, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција зборуваше за случајот „Монструм“ .

„Тоа што денеска го слушнавме како пресуда во случајот ‘Монструм’ беше веќе потврдено и од првостепениот и од второстепениот суд, но она што Заев се обидуваше додека беше во опозиција да прави е да манипулира и по неколкупати за жал да ги одзема животите на тие млади луѓе коишто монструозно беа ликвидирани од страна на сторителите  кои што денеска добија доживотен затвор. Си играше со судбината на нивните семејства, си играше со судбината на нивните родители, на нивните најблиски, но истовремено си играше со судбината на сите граѓани бидејќи газеше по линија на меѓуетнички конфликт“, оцени Мицкоски.

Додаде дека за Заев не постојат граници кои нема да ги мине за да опстане на власт затоа што парите, моќта му се тоа што е најважно, а не љубовта кон татковината, честа, честитоста и борбата за подобар живот на македонските граѓани.

„Tој е единствениот којшто може да се поистовети со името на овој случај, се останато е заслужена казна. За жал животите на тие млади луѓе прерано згаснаа, а тој кој што неколку пати ги убиваше нив, а си играше со чувствата на нивните родители е вистински олицетворен во името на овој случај во судскиот лавиринт кој што денеска конечно заврши, а сторителите ја добија која што им следуваше од многу порано“, рече Мицкоски.