Власта може да се обидува да поигрува со проценти и попишувачки листови, но никако не смее да поигрува со човечките животи, а покрај немањето емпатија во однос на здравствената ситуација, власта меша политика во пописот и наместо да зборува за реални потреби околу пописот, дискутираат за знамиња на туѓи држави, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во вечерашното издание на дебатната емисија „Што не е јасно” на ТВ Алфа Мицкоски се осврна на моменталната политичка ситуација во земјата, лошите владини политики и мерки во однос на здравствената криза, како и на чекорите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе во наредниот период.
Потенцираше дека е јасна намерата на Владата во однос на пописот, бидејќи целиот процес наместо да биде статистички, е повеќе политички. Мицкоски додаде и дека пописот не е ни малку потребен во овој момент, затоа што Македонија се соочува со животни загуби секојдневно, а власта сака да спроведе попис и здравјето на граѓаните да биде ставено на ризик.
Додаде дека доколку попишувачите не се вакцинирале, тогаш процесот е навистина ризичен и не треба да се прифати.
„Голем број семејства поминаа низ пеколни денови поради коронавирусот и токму затоа граѓаните треба да бидат трезвени и да размислат дали треба да отворат или не“, додаде Мицкоски.
„Повеќе од се ми се гади моментот на имплементирање политика во пописот. Пописот треба да биде статистичка операција која што ќе помогне при градењето на општеството, а не политичка операција која ќе ги задоволи апетитите на одредени лидери. Зарем е поважен пописот од здравјето на граѓаните Властите се закануваат со казни и притисоци, но јас јавно кажувам дека граѓаните нема потреба да стравуваат, казни не смее да има”, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.