Мицкоски до Ковачев: Пријателски односи и европски вредности се градат кога се признава постоењето на еден народ

Најголемиот македонофоб, Андреј Ковачев, лично ме напаѓа, а јас никого не мразам во животов. Јас ги почитувам сите наши соседи, сите народни кои нѐ опкружуваат. Кога Ковачев, Каракачанов се македономрасци, кога ќе сфатат дека постоела македонска нација, постоел македонскиот народ, колективната меморија на македонскиот народ е многу порано од тоа што тие мислат, тогаш можеме да градиме пријателски односи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во текот на посетата на Штип.

Овој македонски народ постоел, кажа Мицкоски, и пред Илинден, и за време на Илинден и по Илинден.

„Македонскиот народ постои денес и ќе постои во иднина, колку тоа да не сака да го признае македономразецот Ковачев кој, за жал, е дел од европарламентот, и треба да промовира европски вредности. Тој треба да бара одговор на прашањата и да се извини за политиката која ја гради кон Македонија, тој треба да дозволи да ги отпочне преговорите Македонија со ЕУ, бидејќи овој народ секогаш бил на страна на вистинските европски вредности“, рече Мицкоски.