Мицотакис ги предупреди Грците дека претстои „најтешкото“ со коронавирусот

Нашата земја засега не е погодена како други земји, но да немаме илузии, најтешкото е пред нас, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање до граѓаните за коронавирусот и паралелно се осврна и на ставот на црквата, порачувајќи дека она што важи за јавните собири важи и за црквите јави дописничката на МИА од Атина.

Во седум и полминутната видео порака до граѓаните, Мицотакис се осврна на владините како што рече, „строги превентивни мерки“, им се обрати на учениците кои „сега имаат многу слободно време“, порача сите да се грижат за бабите и дедовците“, а го коментираше и ставот на црквата во врска со причестувањето и пренесувањето на коронавирусот.

Рече дека во изминатите денови имал потреба да се повика на вербата за да извлече сила.

„Но, како премиер, должен сум да ги слушам научниците. Она што важи за јавните собири важи и за нашите цркви. Денес, не се на тест нашите верувања, туку нашата верба во здравјето на луѓето. Љубовта кон ближниот во која се колне самото православие. Затоа и верските должности треба да се прилагодат на реалноста. И колку што е можно, да се извршуваат од дома, да се ограничат големите собири. Црквата на верниците, впрочем е голема. Се надевам на поддршка и од раководството на црквата во заедничката цел. Но мојата институционална улога ми наметнува, јасно да заземам став за прашањето“, рече Мицотакис.