
Досегашната власт освен што економски го осиромаши народот, организираше масовен поткуп за изборите, ВМРО-ДПМНЕ прави напори да формира мнозинство за да ја извлече државата од криза, истакна меѓу другото лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој во вторникот оствари средба со германската амбасадорка во Македонија, Енке Холштајн, соопштија од партијата.
„На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, изборите и идните стратешки приоритети. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски посочи дека изборите кои поминаа не може да се оценат за фер и демократски бидејќи власта спроведе низа прекршувања, поткупи и неправилности во текот на гласање со што сериозно се нарушува демократскиот фундамент на изборите. Државата доби и сериозни забелешки за изборите нотирани од мисијата на ОБСЕ“, информираат од партијата.
Мицкоски посочил дека освен тоа што власта го осиромаши народот и ја втурна Македонија во тешка финансиска криза спроведе организиран поткуп тежок неколку милиони евра. Со ваквото однесување се докажа дека власта прави озаконување на криминалот и корупцијата како главен супстрат на нивното делување.
„Мицкоски посочи дека врз основа на добиената доверба од граѓаните и верувајќи во принципите и вредностите кои беа елаборирани од страна на Коалицијата за обнова на Македонија прави напори за формирање на ново парламентарно мнозинство што ќе значи зафаќање со сериозна работа за надминување на тешката криза во која се наоѓа државата. Претседателот на МРО-ДПМНЕ нагласи дека се потребни сериозни ангажмани на сите институции во исполнување на европската агенда и напредок на патот кон интегрирање кон Европската унија. Владата на СДСМ не е способна да испорача резултати кои би биле препознаени од стратешките партнери од Унијата“, се додава во соопштението.