Во дербито од 32-то коло на италијанското фудбалско првенство, Милан во саботата вечерта на својот „Сан Сиро“ со 1:0 го совлада Лацио остварувајќи ја првата победа во последните пет кола.
Решавачкиот погодок го постигна Франк Кесиа од пенал во 79 минута. Пеналот го направи Риза Дурмишис кој го собори Матео Мусачи, а две минути претходно судијата Џанлука Рокио досуди пенал поради играње со рака, но по прегледот на снимката ја поништи својата одлука. За жал, дуелот заврши со немили сцени и тепачка меѓу играчите, па се очекува реакција на дисциплинската комисија.
Милан сега е четврти со 55 бодови, еден повеќе од Рома која претходно со голот на Един Џеко во 67 минута го совлада Удинезе. Лацио падна на седмото место со 49 бодови, а Удинезе е 16-ти со 32 бода, четири повеќе од 18-от Емполи на позиција која игра бараж за опстанок во Серија А.
Актуелниот шампион и водечки на табелата Јувентус во првиот дуел во саботата беше непријатно изненаден на гостувањето кај СПАЛ, и иако поведе на крајот со пресврт ги остави бодовите во Бергамо. Торинскиот состав настапи без Кристијано Роналдо, Марио Манџукич, Миралем Пјаниќ, Леонардо Бонучи, Сами Кедира, Војчех Шчечни и Даглас Коста, кои Масимилијано Алегри ги чуваше за вторник и реваншот против Ајакс во четврфиналето во Лигата на шампионите.
Јувентус поведе преку Кеан Моисе во 31 минута, но СПАЛ направи пресврт со головите на Кевин Бонифаци во 50 и Серџо Флокари во 75 минита. На „Старата дама“ ѝ беше потребен и бод за и математички да ја обезбеди новата титула, но и покрај тоа Јувентус веќе утре може да го прослави „скудетото“ доколку Наполи не освои три бода против отпишаното Киево. СПАЛ, пак, освои многу важни бодови во борбата за опстанок, и сега е 13-ти со 35 бодови, седум повеќе од зоната на испаѓање.
Во недела играат: Торино – Калјари, Фиорентина – Болоња, Сампдорија – Џенова, Сасуоло – Парма, Киево – Наполи и Фросиноне – Интер, додека колото во понеделник ќе го заокружат Аталанта и Емполи.