Во последниот дуел од 21-то коло на италијанското фудбалско првенство Лацио како домаќин минимално го победи Калјари, а претходно во неделата водечкиот Милан беше сигурен против Кротоне.
Единствениот погодок на римски „Олимпико“ го постигна Чиро Имобиле во 61 минута, откако Сергеј Милинковиќ-Савиќ со глава му ја спушти топката на средината од шеснаесетникот на гостите.
Со оваа победа петтиот Лацио бодовно се израмни со градскиот ривал Рома која го зазема четвртото место, и двата клуба имаат по 40 бодови, а третиот Јувентус има 42 бода но и меч помалку. Калјари остана во зоната на испаѓање, 18-ти е со 15 бодови, еден помалку од 17-от Торино.
Претходно Милан како домаќин со 4:0 беше убедлив на својот терен против Кротоне, а Златан Ибрахимовиќ го постигна 500-от погодок во клупската кариера.
Златан Ибрахимовиќ беше стрелец во 30 и во 64 минута, а двоен стрелец беше и хрватскиот интернационалец Анте Ребиќ кој погодоците ги постигна за помалку од минута ипол, во 60 и 70 минута.
Првиот погодок на Ибрахимовиќ беше 500-от во неговата клупска кариера. Покрај за Милан, шведскиот интернационалец постигнуваше голови и за шведски Малме, холандски Ајакс, шпанска Барселона, француски ПСЖ, американски ЛА Галакси и за другите два италијански великани Јувентуси и Интер.
Милан повторно е на врвот со 47 бодови, два повеќе од градскиот ривал Интер. Кротоне е последен 20-ти со 12 бодови, четири помалку од зоната на опстанок.
Претходно Беневенто и Сампдорија ги поделија бодовите играјќи мирољубиви 1:1. За домашните водството го донесе Џанлука Капрари во 55 минута, а за гостите израмни Кеита Балде Диао во 80 минута.
Сампдорија е сигурна на 10-та позиција со 27 бодови, а Беневенто е 14-ти со 23 бодови.
Удинезе со головите во финишот избори домашна победа над Верона. Во 83 минута гостинската мрежа ја затресе нивниот играч Марко Силвесри, а во првата минута од судиското продолжение победата ја потврди Жерар Деулофеу.
Верона со 30 бодови остана на деветтото место, а Удинезе напредуваше до 11-то место сега со 24 бодови колку што има и 12-та Џенова на Горан Пандев.
Болоња со 3:0 постигна убава гостинска победа кај Парма. Стрелци за гостите беа Муса Бароув во 15 и 33 минута, и Рикардо Орсолини во втората минута од судиското продолжение.
Болоња дојде до 13-то место со 23 бодови, а Парма остани претпоследна 19-та со 13 бодови.