![77d550559268164b35dc](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/05/77d550559268164b35dc.jpeg?resize=696%2C464&ssl=1)
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на предавањето во четвртокот на софискиот Универзитет на свети Климент Охридски порача дека ќе се спротистави Европската унија да стане федерација, оценувајќи дека таквата идеја е „делузија“.
Во текот на предавањето на „Геополитика и економија“, Милановиќ го критикуваше концептот на федерална Европа, потсетувајќи дека повеќето функционери во европските институции се федералисти.
„Јас ќе бидам првиот кој ќе се спротистави на тоа“, рече Милановиќ.
Оцени дека таквата „неодржлива“ идеја е „делузија, самоилузија“, спротивна на европската историја.
„Иако сум Европеец според сентиментот, вие сте Бугари, јас сум Хрват. Никогаш не сум воспитуван како националист, ниту, не дај Боже, како шовинист, но ништо не постои над националната држава во Европа“, рече Милановиќ.
Спротивно на федералистите, кога станува збор за европските интеграции, хрватскиот претседател рече дека тој се смета себеси за „реалист“
Истакна и дека „допрва останува да се види“ дали членството на Хрватска во Европската унија е успешно, напоменувајќи дека хрватската економија за десет години членство во ЕУ не пораснала побрзо од економијата на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„По прашањето на растот и создаденото богатство, првите десет години тешко може да бидат карактеризирани како неверојатен успех, доколку воопшто е успех“, рече Милановиќ, кого го цитираат хрватските медиуми.
Претходно на средбата со бугарскиот претседател Румен Радев, Милановиќ оцени дека за многу работи во ЕУ се зборува „затворено, прикриено, а понекогаш и цинично“.
Ланскиот декември Европскиот совет даде зелено светло за влегување на Хрватска во шенгенската зона, но на истиот состанок Австрија го блокираше пристапот на Бугарија и Романија, а Холандија само бугарскиот пристап. Виена одлуката ја аргументираше со неконтролираниот прилив на илегални мигранти од двете земји, додека Хаг со корупцијата и состојбата на човековите права во Бугарија.
„За оваа тема треба да се „зборува отворено, како и за низа други работи за кои во ЕУ се зборува затворено, прикриено и цинично… Конкретните партикуларни интереси се продаваат како некои вредности и принципи, длабока филозофија, а во суштина станува збор за ценкање и ништо повеќе“, истакна Милановиќ на заедничката прес-конференција со Радев во Софија додавајќи дека критериумите не се транспарентни, туку „чисто политички“.