Големо мнозинство во Србија негативно гледаат на членството во Европската унија, изјави во понеделникот хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на регионалниот самит во Брдо крај Крањ, а српскиот колега по должност Александар Вучиќ му се заблагодари на поддршката на европскиот пат на Србија.
„Повторно треба да се истакне дека во овој момент расположението на јавноста во Србија кон членството во ЕУ е изразито негативно“, изјави Милановиќ на конференцијата за медиумите на собирот Процес Брдо-Бриони.
Хрватскиот претседател додаде дека „две третини од припадниците на српскиот народ во Србија“ се против членството во ЕУ, како и дека тоа е бројка со „којашто секој политичар треба и тоа како да смета, односно кога прави сметки, да не се пресмета“.
„Тоа е единствената земја во којашто расположението е такво“, рече Милановиќ додавајќи дека со Вучиќ на собирот не разговарал за обвиненијата за хрватските пилоти за воени злосторства во операцијата „Бура“ во 1995 година.
Српскиот претседател, кој прес-конференцијата ја одржа за медиумите истовремено со хрватскиот и словенечкиот колега, му се заблагодари на Милановиќ на „денешниот рационален став да ги поддржи европскиот пат во Србија“.
Вучиќ, исто така, рече дека граѓаните на Србија денеска би го одбиле членството во ЕУ, но и дека „се надева дека следните месеци и годините пред нас“ тоа ќе се успее да биде променето.
Српскиот претседател рече дека таквото расположени кон ЕУ кај граѓаните на Србија е поради многу причини, а дека едната од нив секако е што денес на сите во ЕУ им се полни устите со територијалниот интегритет на Украина, иако во случајот на Србија со самопрогласената независност на нејзината јужна покраина Косово и Метохија го згазиле како со токмак.
Зборувајќи за обвинувањата за хрватските пилоти, Вучиќ рече дека „знае кои се надлежните органи“ и оти поради тоа нема смисла да разговара за тоа.
Коментирајќи ја одлуката на епархијата Новограчаничка-среднозападноаемриканска на Српската православна црква да го одликува неговиот поранешен сопартиец Воислав Шешељ, Вучиќ рече дека тоа е прашање што траба да им биде поставено на претставниците на таа епархија.
„Вие секој ден одликувате убијци на Срби, на тоа воопшто не сте чувствителни. Кај нас црквата е многу независна во однос на државата. Не знам како е кај вас Хрватите, но ние многу се гордееме со секуларноста на нашата држава, тоа се одамна воспоставени европски и светски вредности“, одговори Вучиќ.