Милановиќ: Предавник е оној кој ќе гласа за проширување на НАТО без изборни реформи во БиХ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави во неделата дека предавник ќе биде секој пратеник кој во Хрватскиот собор (парламентот) ќе гласа за приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО пред промена на изборниот законик во Босна и Херцеговина што ќе ѝ овозможи на тамошната хрватска заедница да биде соодветно застапена во институциите на соседната земја.

Обраќајќи се од Вараждин, каде што присуствуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот, Милановиќ пред новинарите изјави дека Хрватска има „историска шанса“ да се избори за босанскохерцеговските Хрвати, што е воедно и „хрватски интерес, а не напрасна желба“.

„Кој ќе гласа поинаку (за приемот на Шведска и Финска во НАТО – з.р), јас ќе го наречам предавник. И секого којшто со него или со неа ќе испие кафе ќе го наречам предваник. Нема поинаку“, рече Милановиќ.

„Кага би зборувал приспивно како (хрватскиот премиер Андреј) Пленковиќ – школата на УДБА од Кумровец – тогаш никој не би ме слушал. Вака врз себеси го преземам товарот да бидам грозен, луѓето да ме мразат, да ме гаѓаат со јајца, да ме исвиркуваат затоа што се борам за праведна кауза. Тоа е мојата должност, јас сум претседател и врховен командант“, додаде Милановиќ.

Милановиќ и претходно седмицава зборуваше за тоа дека Хрватска не треба да го поддржи финското и шведското и формално приклучување на НАТО, доколку не биде извршена измена на изборните закони во БиХ, истакнувајќи дека регионот се наоѓа во „грозна ситуација“ во кој Бугарија и Романија не можат во Шенген зоната, Македонија и Албанија не можат да ги започнат пристапните преговори со ЕУ, Косово не е признато, додека Финска „може прекуноќ во НАТО“.

„Ние не бараме Финска и Шведска да го променат името во ИКЕА туку само да им кажат на Американците ова да се реши. За мене тоа е од вителен национален итерес на хрватската држава, нација и народот. БиХ да биде уредена држава“, рече Милановиќ претходно седмицава алудирајќи на грчкото вето за приемот на Македонија во НАТО што резултираше на крајот со промена на уставното име на земјата.

 

Француските авиони се убави, но бескорисни

Хрватскиот претседател во неделата се осврна и на купувањето 12 повеќенаменски борбени авиони од моделот „Rafale“ од Франција, истакнувајќи дека се надплатени и бескорисни, а дека Париз истовремено не се заложил за промена на изборниот законик во БиХ.

„Каде е Француската помош околу БиХ: Колку треба да се плати, десет милијарди евра? Милијарда ипол не се доволни?!“, се запраша Милановиќ.

Оцени дека би било подобро Хрватска да купела стотина беспилотни летала и да ја зајакнела противвоздушната одбрана, но вели дека премиерот Андреј Пленковиќ „лично решил“ да купи авиони кои не ѝ се потребни на Хрватска, за војна се „бескорисни„“, но добри за „покажување“.

„Имаме 12 авиони со вратоврска бидејќи дебело девојче или дебело момченце влезе во фабрика за слатки, ја бутна раката во теглата со мармалад и тоа многу му се допаднало“, изјави Милановиќ истакнувајќи дека за купувањето на француските борбени авиони решила „политиката а не војската“.

„Што полза ќе имаме од тие 12 Rafale со многу малку опрема и многу малку ракети, дали гледате колку малку авионите траат во оваа војна ако не се најдобрите? Топли се колку што е топол бурекот. Значи кратко“, рече хрватскиот претседател.

Милановиќ оцени дека соседна Унгарија со 10 до 12 такви пресретнувачи не успеа да го детектира „летачкиот болјер“, односно дрон до застарено советско производство кој во март се урна во загрепската населба Јарун, прелетувајќи до територијата на Украина преку Романија и Унгарија до воздушниот престор на Хрватска без да биде детектиран од одбранбените системи на трите земји членки на НАТО.