Милениумскиот крст наесен ќе блесне во полн сјај

Наесен се очекува да биде доизграден крстот на Водно со сите планирани содржини. Јавното сообраќајно претпријатие кое од неодамна стопанисува со Милениумскиот крст распиша оглас за избор на градежна фирма што ќе го адаптира објектот. Со зафатот е планирано крстот да го добие ветениот ресторан, неопходната водоводна и канализациска мрежа, пречистителна станица, нов лифт, а во план е и да се поднови осветлувањето, да се изведе антикорозивна заштита на конструкцијата на објектот… Проценето е дека зафатите ќе чинат околу 570.000 евра без ДДВ. Од претпријатието се надеваат дека парите ќе ги обезбедат од донации. Се очекува финансиска помош од Град Скопје и Владата, пренесува „Утрински“.

Инаку, кон средината на месецов истекува рокот за достава на понудите на огласот. Според објавата, фирмата со најповолна понуда ќе има рок од две години да ги заврши сите предвидени зафати. Но, од ЈСП се оптимисти дека адаптацијата може да биде завршена и есенва. Претпријатието веќе доби делумна донација за планираниот проект.

Донесена е владина одлука ЈСП да добие 970.000 литри „евродизел“, кои се наменети за потребите за довршувањето на Милениумскиот крст.
Меѓу другото, со адаптацијата на објектот, постојните светилки ќе бидат заменети со нови, штедливи. Проценето е дека со нив, сметките за струја ќе бидат намалени за 30 отсто.

За претстојниот зафат веќе е подготвена проектната документација од Градежниот институт „Македонија“. Крстот, кој беше пуштен во 2002 година, во чест на две илјади години христијанство во Македонија, се градеше според проектот на архитектите Јован Стефановски-Жан и Оливер Петровски.

Иако се’ уште ги нема сите предвидени содржини, на крстот на Водно секојдневно се зголемува посетеноста, пишува весникот.

Благодарение на жичарницата, се чини Крстот е еден од најпосетуваните објекти во градов. Според анализите на ЈСП, во споредба со ова време изминатата година, бројот на посетители е речиси зголемен за три пати. Просечно, во работните денови, жичарницата ја користат по 700 граѓани, а за време на викендите се продаваат и по 1.500 билети. Бројот е поголем, велат од ЈСП за „Утрински“, ако се има предвид дека пензионерите масовно се возат на жичарницата, а за нив возењето е бесплатно.