Основниот суд во Гостивар му одреди 30 дневен притвор на Зоран Милески – Кичеец, поради тешката сообраќајна несреќа на Стража, во која седум лица беа повредени, а едно го загуби животот.
Основното јавно обвинителство Гостивар претходно соопшти дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
„Движејќи се со автомобил „мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во спротивна насока кон Кичево се движел автомобил „санг јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „санг јонг“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Милески, кој е осуден на три години затвор во случајот „Рекет“, е на едномесечен прекин, откако лекари од Охрид препорачале да се лекува од стрес, тахикардија и тешко дишење, а Управата за извршување на санкциите, му дала такво решение по препораката.