На прес-конференцијата пред натпреварот со Италија се обрати предводникот на фудбалската репрезентација на Македонија Благоја Милевски.
„Кога играте со противник како Италија, не чувствуваме притисок. Секако дека имаме желба за победа, на секој натпревар против секоја репрезентација. Мотив за надигривање и докажување дека играме добар фудбал. Сите други натпревари се оставени зад нас. Италија доаѓа со нов селектор, одличен тренер кој докажа што знае во последниот клуб со титулата. Ова ќе биде добра шанса за нас да се претставиме во добро светло. Пред се мора да сме тактички дисциплинирани, да одговориме и тркачки. Момците поседуваат квалитет. Македонија и во минатото, особено оваа генерација, само кога функционира како тим воделе до успесите. Натпреварот од Палермо не се зема како референца. Ова е сосема спротивен тип на натпревар. Тие имаат доста нови играчи и селектор, па ќе биде поинаку.
Периодот во кој беа одиграни претходните натпревари беше дискутабилен за нас. Поради минутажата на играчите, но и физичката подготовка. Тоа ни беше најголемиот проблем да одржиме тркачка форма. Овој септемвриски циклус е поинаков, играчите доаѓаат по завршени подготовки и се на повисоко ниво од претходниот собир. Тоа ми дава за право да се надевам дека ќе го издржиме ритамот потребен за да бидеме на ниво 90 минути со Италија. Дебитантите се тука, подготвени да помогнат за конкуренцијата во тимот“, изјави Милевски.