Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, е уверен дека неговите избраници ќе дадат сè од себе да се дојде до позитивен резултат на утрешниот дуел со Романија.
– Романија е сериозна репрезентација со индивидуални и тимски квалитети. Плус за нив е што овој меч доаѓа во добар моментум за нив. Јас сум насочен кон нашиот настап. Знам дека тешко ќе биде да се издржи трет натпревар со висок ритам, но сигурен сум дека сите што ќе добијат шанса ќе дадат максимум. Очекувам сосема различен натпревар од меѓусебниот меч во Романија. Не мислам дека утрешната средба ќе биде одлучувачка за второто место. Се надевам дека ние до крајот ќе останеме конкуренти, изјави Милевски.
Тој се осврна на двата претходни натпревара од септемврискиот циклус во мундијалските квалификации, против Ерменија и Исланд на кои беа постигнати нерешени резултати.
– Задоволен сум од прикажаното на моите играчи на овие два натпревара. Македонија игра одличен фудбал и тактички и со агресивност и со тактичка дисциплина. Тоа што се случи на Исланд е зад нас. Победата ја испуштивме поради психолошки момент. Треба да работиме на ова поле и ни треба малку време. На фудбалски и тактички план момците одработија совршено, истакна Милевски.