Селекторот Благоја Милевски денеска го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета на следните натпревари со Фарски Острови и со Ерменија на стартот од четвртото издание на Лигата на Нации.
Милевски жали што Велковски нема клуб, и дека Дејан Илиев е повреден, а дебитантот Трапановски според селекторот заслужи да добие повик.
„Жал ми е што Велковски нема клуб, Илиев е повреден, и Трапановски со своите игри заслужи да биде дел од тимот. Според мене тоа се фудбалерите кои се најдобри, и само се надевам дека ќе бидат здрави и ќе бидат на располагање“, рече Милевски и додаде:
„Фарски Острови се незгоден противник, игра еден дисциплиниран фудбал. Знаеме дека се игра на вештачка трева, ќе мораме да се навикнеме и на тој момент. Ќе мораме да дадеме максимум од своите можности, и не само против Фарски, туку и на сите натпревари ако сакаме да ја исполниме нашата цел и да се надеваме на успех“, изјави Милевски.
Селекторот ја коментираше групата, и кажа дека секој си глда шанса да биде прв во групата, а потоа да се бори за пласман на Мундијалот во 2026 година.
„Составени сме во група во која секој си ја гледа шансата за поминување понатаму. Ова се Лига на Нации за Светско првенство, не е само да се биде прв во групата, туку има полуфинале и финале за бараж. Овие се поинакву од оние кога се пласираше Македонија на Европското првенство. Не очекуваат противници кои се незгодни, кои се физички супер подготовени, дисциплинирано играат, фудбал со доста динамика, и треба да го запазиме тој момент, и се надевам дека сите ќе ни бидат здрави и ќе се стават на располагање“.