Милион возила поради опасност од пожар ќе повлече Volvo

Шведскиот производител на возила во кинеска сопственост „Volvo Cars“, повлекува ширум светот повеќе од милион возила, бидејќи некои делови од моторот би можеле да се растопат, објави во саботата портпаролот на компанијата.

Во најлош случај, проблемот би можел да предизвика пожар на моторот, рекол портпаролот. Во „Volvo“ досега не е пријавен ниеден таков случај, пренесува агенцијата DPA, иако има и поинакви медиумски извештаи.

Според шведската телевизија SVT, проблемите се однесуваат на моделите со четирицилиндричниот дизелски мотор, произведени од 2014 до 2019 година. Станува збор за моделите V40, V60, V70, S80, XC60 и XC90.

Шведската службена новинска агенција ТТ, пак, пренесува дека ќе бидат повлечени околу 500.000 возила кои веќе се продадени во светот, од кои 86.000 во самата Шведска. И во овој извештај се наведува проблемот со опасноста од пожар во моторниот простор на автомобилите.

Според агенцијата, влезниот колектор, кој е произведен од пластика, може да се стопи поради високата работна температура на моторот.

„Во неколку случаи тоа доведе до појава на пламен“, го цитира агенцијата ТТ портпаролот на компанијата, Стефан Елстром кој инсистирал дека во ниеден од тие инциденти немало повредени.

Компанијата ќе контактира со сопствениците на проблематичните автомобили. Како и кога грешката била утврдува, не се појаснува.

„Продолжуваме да работиме на техничко решение на проблемот. Дотогаш ги молиме нашите клиенти да бидат внимателни кон можните известувања (од вградениот компјутер) за неисправност на моторот. Доколку нема такви, значи дека возилото е во ред и можете безбедно да го користите“, појаснува Елстром.

Ова е втората лоша вест за кус период од „Volvo“, откако во четвртокот компанијата извести за остар пад на профитот во второтот тромесечје од 2019 година, и покрај значителниот раст на продажбата.