
Милиони луѓе во Њу Делхи и во другите големи индиски градови во понеделникот се ставени во карантин, а запрен е и домашниот воздушен сообраќај, за да се забави ширењето на коронавирусот.
Многу граѓани, сепак, и натаму не го сфаќаат карантинот сериозно, предупреди премиерот Нарендра Моди. Телевизиите емитуваа снимки на мноштво луѓе на автобуските станици и на пазарите во разни градови на Индија, и покрај тоа што би требало да бидат во изолација.
„Ве молам спасете се, спасете го своето семејство, сериозно следете ги упатствата. Барам од владите на (сојузните) држави да обезбедат правилата и законите да се почитуваат“, објави премеирот Моди на Twitter.
Набрзо потоа, сојузната влада во Њу Делхи донесе одлуки за постраг пристап кон ситуацијата. Им наложи на сојузните држави „строго да го спроведуваат“ карантинот, кој е на сила до 31-ви март., и побара законски санкции против оние коишто ќе ги прекршат ограничувањата. На прекршителите им се закануват парични казни и до шест месеци затвор.
Владата ги објави построгите карантински мерки во понеделникот вечерта, одлучувајќи да го суспендира домашниот воздухопловен сообраќај од вторникот вечерта. Дозволен е транспорт само на товари. Меѓународниот воздушен сообраќај од претходно е запрен до 31-ви март.
Ширум Индија, повеќе од 80 градови вклучително мегалополисите како Делхи, Мумбаи, Колката, Ченаи и Бенгалуру, започнаа од понеделникот да воведуваат целосни карантини, што занчи дека е дозволена работата само на есенцијалните служби.
Сопрен е и широкоразгранетиот и масовно користениот железнички сообраќај, како и подземните железници и меѓудржавните автобуски линии, а неколку сојузни држави го забранија и јавниот транспорт вклучително и такси службите. Канцелариите на комуналните институции и важните услуги, вклучитетелно и продавниците со храна, банките, болниците и аптеките, ќе останат отворени. Полицијата во повеќе градови ги забрани собирањата на граѓаните во групи поголеми од четири лица.
Во Индија официјално се регистрирани 415 заразени од коронавирусот, и седум починати. Само последните три дена потврдени се 200 новозаразени, според здравствените власти.
Во земјата се регистрирани 12 приватни лаборатории за тестирање на Covid-19, респираторната болест којашто ја предизвикува новиот сој коронавирус. Лабораториските синџири имаат 15.000 центри за собирање примероци ширум Индија.