Mилионски коалициски тендери: Шилегов набавува струја од синот на Муса Џафери

Договорот меѓу Град Скопје е склучен во првата половина на мај годинава, а вредноста на договорот е 1,1 милиони евра.

Откако Марко Бислимоски, претстедателот на регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) најави дека може да биде одземена лиценцата на „У Повер“ компанија за снабдување со струја која доби на тендер договор да го снабдува Град Скопје за цена од 1,1 милиони евра, се поставува прашањето дали Град Скопје ќе има редовно и навремено снабдување со електрична енергија.

Договорот меѓу Град Скопје е склучен во првата половина на мај годинава, а вредноста на договорот е 1,1 милиони евра.

Договор за снабдување со оваа компанија има и МЕПСО и тоа за снабдување на сопствените потреби (дирекција и трафостаници), а договорот е вреден речиси половина милион евра. Договорот е на сила од втората половина на јануари оваа година.

Со оваа компанија договор лани во ноември склучила и Царинската управа. Вредноста е слична како и кај МЕПСО, цирка половина милион евра.

„У Повер“ ДОО Скопје, според пишувања на некои медиуми, е сопственост на Арианит Џафери, синот на Муса Џафери, поранешен вицепремиер од ДУИ и на Фитим Ибрахими, син на сопственикот на градежната фирма АК Инвест.

Инаку, Регулаторна комисија за енергетика почна постапки за одземање на лиценци на двајца снабдувачи на електрична енергија – Друштвото за производство, трговија и услуги МИСТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје и Друштвото за трговија со електрична енергија У ПОВЕР ДОО експорт-импорт Скопје.

Причината е затоа е што не ги обезбедиле навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите и нe постапиле во целост по претходно донесените одлуки на РКЕ со кои им беа наложени мерки за усогласување на работењето.

За снабдувачот со електрична енергија Енергија гас енд пауер ДООЕЛ Скопје, РКЕ донесе одлука за преземање на мерки со што практично снабдувачот треба да достави докази дека ја има обезбедено потребната количина на електрична енергија за потрошувачите.

– МИСТ ЕНЕРГИ и У ПОВЕР не купиле електрична енергија навреме и сега кога цените на берзите се зголемија, количините кои им недостигаат ги надополнувале од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем. МЕПСО ја алармираше РКЕ дека е евидентирано неоправдано зголемено ангажирање на електричната енергија која се користи за исклучителни ситуации. Дополнително оваа електрична енергија што снабдувачите ја користеле од механизмот за балансирање е поевтина од берзанската цена, со што ја нарушуваат конкуренцијата и ја загрозуваат стабилноста на електроенергетскиот систем. РКЕ ја следи состојбата во континуитет и пред еден месец побара од овие снабдувачи да доставуваат (докази дека имаат обезбедено електрична енергија) номинации согласно потребите на своите потрошувачи, но до истекот на рокот не постапија и затоа отпочнуваме со постапка за одземање на лиценци, истакна Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Дел од снабдувачите почнале да ги раскинуваат договорите со домашните компании, министерства, јавни претпријатија и други установи пред време и се обиделе да им фактурираат по нови цени. Според донесените закони и правилници потрошувачите се заштитени и снабдувачот не смее да им ја промени цената од договорот додека трае периодот на промена на снабдувач, односно додека не склучи нов договор. Снабдувачот е обврзан да му ја фактурира испораката на струја на потрошувачот согласно цената во договорот за снабдување.