Милошоски: Премиерот е фатен во лага, поради тоа е неговото однесување и бегање од прашањата на новинарите и пратениците

Сметам дека, како прво како претседател на Влада треба да биде најтранспарентен, како претседател на Влада би требало да има и уважување кон институциите во случајов и армијата, но очигледно е дека 2000 или 2001 година премиерот Димитар Ковачевски воопшто не ни размислувал дека ова прашање некогаш ќе биде тема, истакна Антонијо Милошоски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Што не е јасно“ на Телевизија Алфа.

„Кога човек е фатен во лага, како што е случајот со премиерот Ковачевски и не служењето на воен рок и манипулацијата со таа документација, прво кажа дека студирал, потоа втор пат кажа дека не служел рок дека имал некој оперативен зафат, за денес да каже на собраниска говорница дека некој административци , за кој што тој не знае кој се во 2000та година му подметнале некаква дијагноза, упаднале во воената евиденција и напишале тоа што го напишале за него дека е трајно неспособен. Документот е вистинит но Ковачевски самиот има три различни верзии на одговори и се гледа дека не ја говори вистината, барем ниту една од овие три не се поклопува една со друга“, рече пратеникот и поранешен министер за надворешни работи.

Дополнително, Милошоски посочи дека таквото однесување на Ковачевски кон новинарите и јавноста е стратегија од тимот за медиуми на премиерот кој го советува ако не може да се одбрани, тогаш да нападне со една цел да се поларизира јавноста околу оваа тема. Ова однесување и денеска на собраниската говорница и вчера на неговата прес-конференција, според Милошоски, јасно покажува колку премиерот нервозен и несигурен.

„Во овој случај мислам дека институција која треба да се произнесе е Директоратот за безбедност на класифицирани информации и тие би требало да имаат достап и увид до секоја класифицирана информација, вклучително и до воената евиденција и бидејќи се работи за прашање од јавен интерес, тие треба да кажат дали е веродостоен тој документ за лекарска неспособност на премиерот при одбегнување на служење на воен рок или можеби некој направил манипулација, Ако направил кој е лекарскиот тим кој направил манипулација и да се провери дали некој ќе сноси одговорност или можеби самиот Ковачевски кој тогаш бил воен регрут“, рече Милошоски.

„Втората институција која што исто така треба да даде одговори е Министерството за одбрана, кое има евиденција, ги прави односно ги основа тие лекарски комисии и МО гледаме дека излезе со едно соопштение дека ова е класифициран материјал бидејќи било воена тајна, па државна тајна, но со самото тоа мислам дека не му направија услуга на Ковачевски. Со самото соопштение од МО се потврди дека таа документација постои, но тие спинуваа кој и на каков начин ја лиферувал во јавноста, но сметам дека тоа е секундарно прашање, примарното прашање е транспарентноста на институциите а овде недостига транспарентност на првиот човек на Владата“, истакна Милошески.