Милошоски: Македонија нема да добие одлука за датум за преговори во јуни, преговорите ќе траат до десет години

Македонија нема да добие датум за отпочнување преговори за членство во Европската унија во јуни годинава, а преговорите, и доколку не се појават проблеми или блокади во нивниот тек, би траеле меѓу осум до десет години, смета поранешниот шеф на дипломатијата и сегашен пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Во снимката објавена во вторникот на својот фејсбук профил директно од Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, Милошоски истакнува дека Македонија „за жал, нема да добие одлука за датум за преговори во јуни“, како и дека „селективната правда и изостанувањето реформи во администрацијата“ се само дел од причините за тоа.

 

„Доколку има подобра имплементација на законите и фер и демократски претседателски избори, тогаш може да се надеваме преговорите со ЕУ да почнат 2020 година, за време на хрватското претседателство… Преговорите за членство во ЕУ, доколку не се појават проблеми или блокади во нивниот тек, би траеле околу осум до десет години“, вели Милошоски.