Минатото не можеме да го смениме, само иднината, кажа Абазовиќ

Минатото не можеме да го смениме, само иднината. Изборот е на нас. Иницијатива „Отворен Балкан“ ја доживувам како помош заедно да создадеме иднина на економскиот прогрес, на бизнис, на поголема мобилност на граѓаните, на поголема соработка на сите полиња. Секоја иницијатива која може да води кон прогрес и помирување ќе има поддршка од Владата на Црна Гора. Ова го порача денеска Дритан Абазовиќ, премиерот на Црна Гора која сè уште не е формално членка на Отворен Балкан, на самитот на иницијативата во Охрид

Тој истакна дека во интерес на сите граѓани од регионот е соработката на сите лидери од Западен Балкан за економски развој и остварување на европските интеграции. Изрази задоволство од присуството на еврокомесарот за проширување, и особено што САД ја поддржуваат оваа иницијатива. Ја поздрави идејата земјите од регионот во време на криза да имаат една работа група која полесно ќе интервенира доколку дојде до криза на енергетнтите и транспортот на храна.

– Доколку некој мисли дека сам може да ги задоволи сите потреби во 21 век во 2022 нека му е со среќа, но таква политика е фатална, ако од друга страна во еден отворен разговор развиеме доверба, создадеме друштво кое може да создаде нова вредност, создадеме друштво кое може да даде шанса на некои нови политики иницирани со желба за поголем економски раст и мобилноста на нашите граѓани навистина мислам дека на тоа треба да дадеме шанса – рече Абазовиќ.   

Тој е уверен дека желбата на сите лидери тука е својата земја да ја видат во ЕУ, бидејќи, вели, ЕУ нема да биде целосна доколку сите земји од Западен Балкан не бидат во неа, а иницијативите како оваа за Отворен Балкан, која придонесува за севкупен напредок треба да се поддржат.

-Идејата е да имаме некоја динамика во која сите земји ќе имаат дел на ЕУ. Тоа ќе создава поголема сигурност на граѓаните и поголем економски прогрес и тоа ќе значи дека ние завршивме со политиката на минатото. Таа политика ништо добро не донесе за регионот. Политиката на минатото е политика на судири, а политиката на иднина е политика на меѓусебно почитување, на доверба и сакам да ви кажам дека имате подадена рака од Владата на Црна Гора за сите иницијативи кои создаваат вкупен напредок на Западен Балкан и ниту една иницијатива нема да ја доживуваме како непријателска, туку да бидеме дел од голема Европска унија. На нас е да демонстрираме дека тоа можеме го испорачаме, да си подадеме раце и да ги решаваме сите проблеми како што ни доликува – порача црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.