Минимална победа на Јуве, пораз на Милан

ANSA/SIMONE ARVEDA

Во последниот дуел од саботната програма на 29-то коло од италијанската Серија А, фудбалерите на Милан доживеа непријатен пораз од 0:1 на гостувањето кај Сампдорија, додека актуелниот шампион Јувентус дома со многу напор го совлада жилавиот Емполи.

Самдорија поведе веќе во втората минута од натпреварот по големата грешка на гостинскиот голман Донарума, а погодокот го постигна Грегори Дефрел. До крајот на мечот се играше израмнето, но напаѓачите не успеаја да постигнат уште еден погодок. Милан со поразот остана четврти со 51 бод, два помалку од градскиот ривал Интер, а четири повеќе од петтата Рома. Сампдорија со трите бода собра вкупно 42, три помалку од седмата Аталанта која е на последното место кое води во европските натпреварувања.

Лидерот Јувентус настапи во многу комбиниран состав, без најдобрите напаѓачи Кристијано Роналдо и Паоло Дибала, и со многу напор дојде до минималната победа над екипата Емполи. Стрелец беше младиот Моис Кеан кој во игра влезе од клупата за резерви. Јуве со 25-та победа во првенството е сосема близу новата осма титула по ред, бидејќи има 18 бодови повеќе од второпласираниот Наполи кој има и меч помалку. Емполи остана на 17-то место со 25 бодови, само еден повеќе од Болоња со меч помалку која е на 18-то место од кое се игра доигрување за опстанок во Серија А.

Џенова на Горан Пандев со 0:2 беше поразена на гостувањето кај Удинезе. Стрелци беа Стефано Окака во 5 и Роналдо Мандрагора во 63 минута. Удинезе сега е 15-ти со 28 бодови, а Џенова е 11-та со 33 бодови и по завршувањето на колото теоретски може да падне 14-та позиција.

Претходно во петокот вечерта во првиот дуел од колото Калјари со 3:0 беше убедлив на гостувањето кај веќе отпишаното Киево, кое остана на единаесет бодови и се чини ги загуби и теоретските шанси за опстанок во Серија А. Калјари сега со 33 бодови привремено се искачи на 12-то место.

Во недела на распоредот се дуелите Парма – Аталанта, Фиорентина – Торино, Фросиноне – СПАЛ, Болоња Сасуоло а се играат и два дерби меча, во главниот град петтата Рома го пречекува второпласираниот Наполи, а во Милано третиот Интер се среќава со седмото Лацио кое настојува да избори место на табелата кое води во европските натпреварувања