Министер за внатрешни работи имаме?

Два дена Македонија дебело ја тресе скандалот „Рекет“. Многумина си ја ишкаат мувата од капата. Префрлаат вина едни на други. Свикуваат прес-конференции да објаснеле. Да се правдаат. Бришат фотки од „фејсбуци“, и други социјални мрежи. Пола СЈО излезе јавно да се огради од својата шефица Катица Јанева, со теза дека чекорите кои ги направил поединец не значат дека сите таму се такви и сета одговорност ја префрлаат на првиот човек на институцијата. Таа потпишувала, таа одлучувала. Таа нека го јаде. Па, малку за гуша јавно се фатија Основното обвинителство и Кривичниот суд – едните не чинеле, другите да си го гледале својот двор. Труло. Гнило. Апсолутно за нас одговара „Има нешто многу труло, гнило во (државата) Македонија“.

Ама во целава циркузијада никаде ни го нема министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Можеби и тој си поднел оставка, ама веста никој не ја забележал покрај крупниве ѕверки и звучни имиња во „Рекет“. Пред само два месеци МВР го голема акција, со специјалци, апсеше нарко дилери низ Скопје. Па, објави видео снимка од акцијата. Додуша приведени беа само двајца, а третиот им избега. Официјалната информација потоа беше дека осомничени се четири лица, но до ден денес јавноста не дозна што потоа се случи.

МВР многупати досега знаело, за своите акции да свикува мега прес-конференции, со видео бимови, со проектори, со чуда и врагови. Сензационалистички. Ама сега никаде ги нема. Ни изјава, ни соопштение. Молк. Како да се напикале во глувчешка дупка.

Чудно.

А, рекетов богами солен. Суми вртоглави. Милиони евра. Во историјата на независна Македонија, од 1991 година, па досега, немало изнуди на пари и рекет со волкави износи. Апсолутен рекорд. А, МВР и Оливер Спасовски никаде ги нема. Можеби за нив и ова не е некоја сума, како за нас обичните смртници.

Ама за разлика од првиот полицаец, се јави шефот на дипломатијата. Он си кажа, богами искрено. Куртоазно ја поздрави борбата против корупцијата, а од друга страна тој појма немал дека странска земја помагала за разоткривање на криминалот. Па, можеби и не треба да знае. Што има министер за надворешни работи да знае дека странски земји роварат, тераат истраги и обезбедуваат докази за разоткривање на тежок криминал во Македонија. Кога ние немаме наши способни можеби и подобро вака. Остај ги комшиите, пријателите, познаниците… нека ја средат работава.

Но, тоа покажува дека во Македонија се’ е корумпирано. До корен. Нема верба и сигурност во никого и во ниту една институција. Цела вертикала, од врвот до дното. Богами и хоризонтала.

Нема сомнеж дека луѓе од државниот врв во Македонија и од врвот на СДСМ се вмешани во случајот „Рекет“. Никој неможе да направи криминал без амин од власта. А, аминот кошта. Си има процент. По се’ изгледа дека целава оваа фарса ќе заврши каде што е сега, а тоа докажува само дека партиските челници се дебело навлезени во оваа криминална игра, и дека низ вода ќе ги пуштат двајцава во притвор, тие да го извлечат најдебелиот крај.

Сигурно нема да апсат многу близок роднина на функционер од државниот врв од Илинденска ББ, кој бил исто така снимен дека е дел од криминалов.

И да, ВМРО ДПМНЕ е криво за се’ ова!

Автор: Дејан Николовски