Цветков ќе го отвори Македонскиот национален павиљон во Шангајската безцаринска зона во кој постојано ќе бидат изложени производи на околу 20 компании од земјоделско-прехранбениот сектор од Република Македонија.
Како што соопшти МЗШВ, врз основа на претходно потпишаниот Договор, државната компанија Директ Импортед Гоодс, која управува со зоната, треба да ги промовира македонските земјоделски и прехранбени производи кои на овој начин ќе станат подостапни до потрошувачите од големиот кинески пазар.
Изложувањето на производите на македонскиот павилјон, на кој ќе бидат најзастапени виното, преработките од овошје и зеленчук, органските и други производи, е договорено со кинеската страна да биде бесплатно за домашните компании. Павилјонот ќе биде и простор кој ќе овозможи размена на информации за можностите за инвестирање, туризмот и културната размена меѓу Македонија и Шангај, односно Народна Република Кина.
Во вториот дел од посетата, односно на 5 ноември во Кунминг, министерот Цветков ќе присуствува на министерскиот форум за трговска и економска соработка во земјоделството меѓу земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина.
На форумот, на кој ќе се дискутираат можностите и начините за подобрување на економската соработка со Кина во делот на земјоделството, ќе се одржат состаноци со кинескиот министер за земјоделство, а предвидени се и средби со полскиот, чешкиот и уште неколку министри од регионот.