Како што соопшти Министерството за одбрана, во рамки на работната посета на САД, Јолевски остварил повеќе средби со претставници на Пентагон, Стејт Департментот, Сенатот, Конгресот и Тинк-Тенк институциите.
На форумот учествуваа неколку сенатори и конгресмени, како и високи поранешни и актуелни функционери и претставници од САД, Европскиот Парламент, повеќето балкански земји, како и од Германија, Романија, Пакистан и Турција.
Јолевски, во своето обраќање на форумот, истакна дека Балканот припаѓа на Евроатланскиот регион и неговата безбедност е неделива од безбедноста на Европа. Тој, исто така, укажа на потребата од интензивирање на соработката на безбедносните структури во Европа со цел поефикасно справување со сегашните и идните предизвици.
Република Македонија, како и останатите земји од регионот имаат голема и важна улога во менаџирањето на мигрантската и бегалската криза, која ја зафати цела Европа, изјави Јолевски.
Министерот Јолевски истакна дека ако се земе предвид актуелната геополитичка ситуација во светот, Европа и Балканот, потребно е да се преземат стратегиски чекори.
Интеграцијата на земјите од југоисточна Европа е еден од тие стратегиски чекори. Знаеме дека постојат одредени критериуми или услови што треба да се исполнат, земјите од регионот се подготвени да работат на нивно исполнување, но потребно е што побрза нивна интеграција во колективните одбранбени системи, рече Јолевски.
На форумот сенаторите и конгресмените, како што се наведува во соопштението, истакнале дека САД остануваат посветени на соработката со Европа, која е стратегиски партнер во борбата против тероризмот и сајбер заканите. Како и дека тоа претставува приоритет на претседателот Доланд Трамп и неговата администрација, а ново поставениот секретар за одбрана и советник за национална безбедност се гаранција за успех во справувањето со овие безбедносни закани.