Министерот Попоски ќе учествува на GLOBSEC 2014

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, од денеска, па се до 16 мај ќе учествува на глобалниот безбедносен форум GLOBSEC 2014, кој ќе се одржи во Братислава, Словачка.

GLOBSEC претставува најпрестижна конференција за надворешна и безбедносна политика во Централна Европа со мисија да го стави регионот на мапата на трансатланското стратегиско размислување и во агендата на светската надворешна, безбедносна и економска политика.

На конференцијата учествуваат претставници од над 60 земји, државници, високо рангирани политичари и еминентни експерти и новинари од целиот свет.

Попоски ќе се обрати на сесијата посветена на улогата на НАТО во регионот, како и перспективите на земјите од Западен Балкан за приклучување кон НАТО Алијансата, на која се очекува да се претстави искуството на Република Македонија на тој план.

На маргините на Конференцијата, Попоски ќе одржи повеќе билатерални средби со своите хомолози и со влијателни личности од меѓународната политичка сцена.

Со одржувањето на овој форум се одбележува и 25 годишницата од падот на комунизмот и 10 годишницата од големото проширување на НАТО и ЕУ.