Медиумските реформи ќе овозможат професионални медиуми во интерес на граѓаните, изјавил министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, кој се сретна во средата со амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.
На средбата се разговараше за неопходните медиумски реформи коишто се меѓу приоритетите во реформскиот акциски „План 3 – 6 – 9“ на Владата.
„Нашата цел е да овозможиме професионално работење на јавниот сервис, МРТВ, медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, затоа што граѓаните имаат право на објективни, навремени и точни информации“, рекол министерот Поповски.
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност нагласил дека за новиот закон за медиумите Владата отворила широка дебата којашто ги опфаќа сите засегнати страни, како и општествената јавност, а се земаат предвид и европските искуства.
На средбата била поздравена „одлучноста на Владата за транспарентно и отчетно работење на владините и државните институции како европска демократска вредност и во интерес на граѓаните на Република Македонија“, соопштија од владината прес-служба.