Министерот Саар ја напушти владата на Нетанјаху зашто не е вклучен во воениот кабинет

Израелскиот министер Гидеон Саар, кој се приклучи на вонредната влада за национално единство на премиерот Бенјамин Нетанјаху по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во понеделникот изјави дека поднел оставка откако не бил вклучен во воениот кабинет.

Гидеон Моше Саар (Серченски) се приклучи на владата, во ресорот правда, заедно со неколку други членови на опозицијата за да помогне во водењето на војната против исламистичкото палестинско движење Хамас во Појасот Газа.

Заминувањето на Саар, заедно со уште еден негов сојузник, не се очекува да влијае на стабилноста на владата на Нетанјаху.

Саар некогаш беше ривал на Нетанјаху во десничарската партија Ликуд, по што ја основа партијата Тиква Хадаша (Нова надеж) и му се приклучи на центристичкиот блок предводен од поранешниот армиски началник и подоцнежен (2020/2022) министер за одбрана, алтернативен и заменик-премиер Бени Ганц. Заедно влегоа во вонредната влада. Ганц стана член на воениот кабинет, мало тело за одлучување, додека Саар беше изоставен од него. Тој бил во составот на таквиот потесен владин кабинет во 2013 година, кога до 2014-та беше и министер за внатрешни работи.

„Не можам да бидам одговорен ако немам, според мое мислење, реална можност да влијаам врз насоките на политиката. Едноставно не гледам никаква полза во тоа“, рече Саар.

Неговата оставка не беше изненадување, бидејќи Саар го прекина сојузот со Ганц претходно овој месец.