Американскиот министер за финансии, Стивен Мнучин, одговори на прашањето каде исчезнале еден и пол трилиони американски долари во готовина, коишто според мислењето на некои новинари не можат да ги евидентираат централните банки во светот.
Во разговор за телевизиската мрежа Fox News од Мнучин беше побарано да го објасни „исчезнувањето“ на банкнотите во износ од 1,5 трилиони долари, главно во апоени од сто долари, за коишто, како што се претпоставува, не се знае каде се наоѓаат. Притоа новинарот не појасни како дошол до оваа процена.
„Значителен дел од овие банкноти од сто долари во буквална смисла лежат во банкарските сефови низ целиот свет“, рече Мнучин.
Додаде дека „секој сака да има долари во своите раце“, бидејќи американската валута има де-факто статус на резерва во целиот свет. Мнучин успехот на доларот го објаснува со тоа што во САД е безбедно да се чуваат пари, да се инвестираат или да се поседуваат активи. Притоа министерот за финансии истакнува дека побарувачката по американската валута постојано расте.
„Во светот има многу Бенџамини“, заклучи Мнучин алудирајќи на тоа што ликот на Бенџамин Франклин, еден од основачите на САД, е прикажан на банкнотата од сто долари.
Низа медиуми претходно објавија дека централните банки во светот додаваат во економијата до 100 милијарди долари електронски пари годишно, а слични суми готовински пари и скапоцени метали „исчезнуваат“ од оптек.
Според податоците на американската централна банка Federal Reserve (Fed), во светот во оптек се повеќе банкноти од сто долари отколку банкноти од еден долар. Се претпоставува дека во текот на финансиската криза 2008/2009 година, бројот на стодоларките во светот се удвоил и достигнал повеќе од 1,3 трилиони долари. Притоа Fed смета дека 80 отсто од банкнотите од сто долари се наоѓаат надвор од САД.
Сто долари се максималната номинална вредност во готовина во оптек во САД, и покрај огромните суми кои се вртат во американската економија. Бруто домашниот производ (БДП) на САД се оценува на приближно 20 трилиони долари годишно. Властите не планираат да ја зголемат максималната номинална вредност на доларот, бидејќи поедноставно е да ги следат безготовинските трансакции при даночењето или во истраги.
Големите суми во готовина, од друга страна, се потребни за избегнување на даноците и перењето пари, кои се стекнати нелегално. Сепак, чувањето на готовина во долари во кој и да е обем не претставува незаконско дејство во САД, зашто американската влада ја гарантира безбедноста и конвертабилноста на готовината во долари.