Министерот за транспарентност шест месеци без ниту една прес конференција

Последен пат на прес конференција се појавил пред околу шест месеци. Иако е министер за комуникации, отчетност и транспарентност, поранешниот новинар Роберт Поповски со почетокот на вонредната состојба поради корона вирусот, целосно е исклучен од јавноста, објавува ТВ 21.

Во услови на вонредна состојба кога Собранието е распуштено, техничката влада немаше доволна транспарентност околу податоците за носење на уредбите и процесот на јавните набавки.

Иако пред само три години, Поповски изјави дека владата и сите институции се направени достапни за медиумите и граѓаните, министерот задолжен за таа работа, во последнот време ретко комуницира со јавноста.

„Ова е прв владин состав што на ваков начин отворено без предрасуди, комплекси и пристапува на јавноста. За таа цел беше неопходно да формираме професионален сектор за комуникации како сервис за граѓаните, на новинарите и медиумите“, истакна Роберт Поповски.

Што прави Поповски во Владата, и за што го плаќаат граѓаните? Социјалдемократскиот сојуз местото министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност го промовираше како новост во новата Влада, со ветување дека конечно Владата ќе има задолжено лице за комуникација со јавноста.

Ги прашавме и граѓаните дали слушнале за него и дали знаат за што точно работи го поранешниот новинар кој често знаеше да ја нападне поранешната влада за нетранспарентност, а сега е министер во Влада?

„Роберт Поповски? Не не ми текнува. Министер за надворешни? Не, не знам“.

„Ако не се лажам беше пратеник во парламентот“.

„Не го познавам, толку многу се менуваат што навистина не ги знам“.

ТВ 21 побара го праша министерот Поповски од кои причини веќе подолго време не се појавува во јавност.

„Во овој период сигурен сум дека е многу позначајно клучните луѓе кои се задолжени за менаџирање на кризата да бидат во јавност и пред граѓаните. Тие се оние клучни кои ги водат политиките, ги менаџираат состојбите и ги презентираат предлозите на влада“, посочи Роберт Поповски.

Запрашан околу транспарентноста за податоците за носење на уредбите и процесот на јавните набавки, Поповски ни одговори:

„Заедно со нашите меѓународни подржувачи ја подготвувам алатката за транспарентност која што на едно место ќе ги сублимира сите овие активност на владата. Треба да ги содржи на едно место сите јавни набавки, сите исплати и трансвери, сите донации и субвенции“, додаде Роберт Поповски.

Поповски истакна дека по завршувањето на кризата на алатката која ќе биде дел од веб страната на владата, ќе се најдат и сите заштеди кои ќе бидат направени во буџетот за време на кризата.