Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференцијата на економскиот тим во Владата рече дека ситуацијата со увозот и извозот будно се следи и доколку има потреба во соработка со надлежните институции ќе се воведе забрана за извоз и за други основни прехранбени продукти.
„Во текот на кризата заедно со Министерството за финансии, Царинската управа и Министерството за земјоделство можеби ќе донесеме забрана и за извоз на други продукти“, рече Бектеши.
Како Министерство за економија ќе предложат до Владата и формирање фонд за поддршка на туризмот во кој Министерството ќе пренамени средства во висина од 44 милиони денари, а Агенцијата за промовирање на туризмот ќе го дополни овој фонд со 30 милиони денари.
Ќе се побара и од ЗАМП да ги стави во мирување своите побарувања кон угостителските објекти во следниот шестмесечен период.
Во текот на денот, како што најави Бектеши, ќе биде отворен и кол центар во Пазарниот инспекторат на кој граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилности доколку ги забележат во продавниците.