Министерството за администрација троши милиони евра за софтвер кој не се користи

Според извештајот на Државната ревизија, Министерството за информатичко општество и администрација троши милиони евра за софтвер кој воопшто не го користи. СДСМ, Зоран Заев и Дамјан Манчевски се на прав пат да ја опустошат Македонија и да ги разораат институциите. Гарант за тоа е нивната неспособност, корумпираност и неработење, обвини пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска-Стојкоски.

„МИОА воопшто не го користи софтверот за управување со човечки ресурси, набавен уште во 2014 година, во кој треба да се внесат сите вработени во јавниот сектор во Република Македонија. Иако лани за него се потрошени 343 илјади евра, а годинава се планира да се потрошат уште 813 илјади евра, Заев и Манчевски одлучуваат дека не им треба и воопшто не го користат. Во предизборието во 2016 година ветија дека ќе даваат месечни извештаи за бројот на вработени административци, но последната официјална информација којашто е објавена на страната на МИОА е од декември 2017 година. Поради неажурноста и неработата на власта во системот лани се преброени само 78.320 административци, а според информациите на МИОА во јавниот сектор лани склучиле работен однос дури 132.068 лица“, рече Стаменковска.

Според неа, во ревизорскиот извештај стои дека причината за невнесувањето на податоците е поради неажурноста од страна на вработените во институциите. Стаменковска на прес-конференцијата упати и повеќе прашања до министерот Манчевски.

„Јавно го прашуваме министерот Манчевски дали невнесувањето на податоци во системот е со цел да се сокрие вистинската бројка на административци која во изминатиов период значително се зголеми!?

Дали СДСМ ги крие партиските вработувања, кои пред избори засилено се спроведуваат и со кои се полни јавната администрација со партиски војници!?

Дали за овој пропуст и неажурност од страна на институциите со кои раководат кадрите на СДСМ, Манчевски ќе понесе одговорност?“, праша таа.