Министерството за финансии издаде сертификати на 10 илјади сметководители досега

Министерството за финансии досега има издадено 10.005 сертификати за сметководители.Од нив 2.833 се трајни уверенија, а привремени уверенија, односно уверенија кои се со важност од 30 месеци до 4 години се 7.172.

„Ги потсетуваме сите заинтересирани за привремено и трајно уверение за сметководител или овластен сметководител да поднесат барање до Министерството за финансии до 13 мај, кога е крајниот рок за аплицирање,“ велат од Министерството.

Привремено уверение за сметководител, ќе се издава на лице кое има најмалку средно образование и работно искуство од три години, или вишо образование и работно искуство од две години, или високо образование и една година работно искуство. Надоместокот за издавање на привремено уверение за сметководител ќе изнесува 300 денари.

Привремено уверение за овластен сметководител, ќе се издава на лице кое има најмалку средно образование и работно искуство од 10 години, или вишо образование и работно искуство од осум години, или високо образование и три година работно искуство. Надоместокот за издавање на привремено уверение за овластен сметководител ќе изнесува 500 денари.

Трајно уверение за сметководител или овластен сметководител, ќе се издава на лица кои имаат 25 години работно искуство во сметководствени работи.Надоместокот за издавање на трајно уверение за сметководител или овластен сметководител ќе изнесува 1000 денари.